Шаќири на средба со претставници на Американскиот мировен корпус
Тој изрази благодарност и за заложбите на волонтерите на организацијата за проширување на изучувањето на англискиот јазик во училиштата во државава, со што, како што рече, нашите млади ги развиваат јазичните вештини, едни од најважните кои се бараат при настап на пазарот на трудот.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска оствари средба со директорката на Американскиот мировен корпус во Македонија, Дебора Конер, на која се разговараше за ефектите од досегашната соработка во областа на образованието, како и за целите кои ќе бидат во фокусот на идните заеднички активности.
„Драго ми е што Мировниот корпус продолжува да биде партнер на Министерството за образование и наука во заложбите за унапредување на важни сегменти од образовниот систем, а особено на подигнување на нивото на инклузивноста. Верувам дека во иднина ќе можеме да се посветиме и на други аспекти, затоа што гледам дека и кај вас постои силна волја да им помагате на земјите во развој, а нам таквата поддршка ни е повеќе од добредојдена, особено сега во период кога се соочуваме со спроведување на крупни образовни реформи“, рече министерот Шаќири.
Тој изрази благодарност и за заложбите на волонтерите на организацијата за проширување на изучувањето на англискиот јазик во училиштата во државава, со што, како што рече, нашите млади ги развиваат јазичните вештини, едни од најважните кои се бараат при настап на пазарот на трудот.
Директорката на Мировниот корпусот, Дебора Конер рече дека организацијата е подготвена и понатаму да обезбедува поддршка за државата во повеќе општествени сфери и сегменти, но дека секогаш приоритет ќе биде унапредувањето на системот кој продуцира човечки капитал, како најважен фактор за развој на земјата.
