Се вжештуваат нападите во Украина
Погоден театарот во Мариупол. Неизвесна е судбината на засолнетите во објектот. Гранатиран и Киев. Советот за безбедност на ОН на вонредна седница за идните чекори за хуманитарната криза во Украина. Војната-тема и на виртуелната средба на земјите од групата 7 најразвиени. Обраќање на Зеленски пред долниот дом на германскиот парламент.

Едно лице загина, а тројца се повредени. Остатоци од урнат проектил паднаа врз станбена зграда во Киев. Станарите од повисоките катови на објектот се евакуирани, а спасувачките служби трагаат по оние што се затрупани под урнатините.
Вадим Бојченко, градоначалникот на Мариупол тврди дека театарот во кој биле засолнети над 1.000 луѓе бил погоден од руската војска. Бројот на жртви не се знае. Според Би-Би-Си, на паркинзите од двете страни на бомбардираниот и целосно уништен театар со огромни букви бил испишан зборот „деца“ за да може да се види и од воздух. Натписите беа објавени на сателитските снимки направени од компанијата „Максар“ пред два дена.
Претседателот Зеленски со обраќање пред Долниот дом на германскиот парламент.
„Моите приоритети се: крај на војната, безбедносни гаранции, враќање на територијалниот интегритет, реални гаранции за нашата земја, вистинска заштита.
Руските сили имаат загуби во Укриана какви што немаа во Сирија и Чеченија, какви што Советските сили немаа во Авганистан“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Советот за безбедност на ОН на вонредна седница за да се договорат идните чекори за хуманитарната криза во Украина. Војната е тема на виртуелната средба и на Г7.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров требаше да отпатува за Кина, но на половина пат, неговиот авион се врати во Москва. Причините за ваквата одлука се нејасни.
Над три милиони Украинци ја напуштија татковината од почетокот на инвазијата и заминаа во соседна Словачка, Унгарија, Романија, Молдавија и особено Полска, која прими речиси два милиони бегалци.
Маја С. Филдишев
