Македонија

Министерот Спасовски на научна конференција „Промените, предизвиците и издржливоста на цивилната заштита за време на Covid – 19“

17.03.2022 11:07

Во своето обраќање министерот Спасовски го истакна фактот дека концептот за заштита и спасување, независно од карактерот на заканите или карактерот на предизвиците и состојбите, со сите кризни и загрозувачки потенцијали, во својата основа претставува исцрпен процес на опсервација, планирање и донесување одлуки што понатаму ќе треба оперативно да се реализираат.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска учествуваше со свое видеообраќање на научната конференција „ПРОМЕНИТЕ, ПРЕДИЗВИЦИТЕ И ИЗДРЖЛИВОСТА НА ЦИВИЛНАТА ЗАШТИТА ЗА ВРЕМЕ НА COVID – 19“, во организација на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Во своето обраќање министерот Спасовски го истакна фактот дека концептот за заштита и спасување, независно од карактерот на заканите или карактерот на предизвиците и состојбите, со сите кризни и загрозувачки потенцијали, во својата основа претставува исцрпен процес на опсервација, планирање и донесување одлуки што понатаму ќе треба оперативно да се реализираат. „Тоа всушност претставува еден од базичните системски механизми според кој, меѓудругото, може да се добие јасна претстава за капацитетите, перформансите и зрелоста на општеството, неговите институции и нивната подготвеност адекватно и ефикасно да одговорат на можните кризни предизвици. Оттаму за поздравување е иницијативата на Дирекцијата за заштита и спасување преку еден ваков примарно стручен и научен собир, уште еднаш темелно да пријде кон низа прашања од суштинско значење во превенцијата и заштитата на луѓето, на материјалните добра и на животната средина.“-рече Спасовски.

Министерот Спасовски се осврна на пандемијата Ковид 19 за којашто рече дека иако сега се чини на заминување во изминативе две години тешко го погоди светот нанесувајќи длабоки штети на сите општества, чиишто последици на подолг период ќе бидат сериозен предизвик за сите нас, но и потреба – за редефинирање на системскиот и институционален одговор кон таквите и слични закани и опасности.

Според Спасовски, повеќе од јасна е нужноста од комплементарност на сите институционални фактори при што, се разбира не само ДЗС, туку и сите други чинители имаат свои специфични места и улоги, како во делот на раното предупредување, односно следењето и проценката на состојбите, така и во делот на директен одговор кон загрозувачките ситуации.

„Ја имав можноста, но и одговорноста особено во почетокот на глобалната пандемија како претседател на Владата на Република Северна Македонија, а потоа и како министер за внатрешни работи многу одблиску и детално да имам увид во еден сериозен предизвик кој директно атакуваше на човековото здравје и живот. Уште на самиот почеток на пандемијата стана очигледна потребата од смислен и прецизен меѓуинституционален одговор што во себе мора да ги обединува сите парцијални институционални активности, градејќи го мозаикот на општественото системско спротивставување и заштита. Тоа претпочиташе постоење точни инпути – информации, согледувања, искуства – за да се дојде до точна и исцрпна базична анализа во која ќе бидат вкалкулирани и институционалните потенцијали и капацитети. Дури потоа врз основа на сето ова следеше одлуката за тоа кој и каков институционален и нормативен механизам ќе биде ставен во функција, потенцираше Спасовски.

„И од оваа временска дистанца по две години од пандемијата, убеден сум дека беа донесени правилни, издржани и квалитетни одлуки, мерки и активности благодарение на кои успеавме да ја пребродиме една од најголемите глобални закани по светот во последниве неколку децении“, рече министерот Спасовски.