Свет

Двајцата британски државјани ослободени од затвор

17.03.2022 13:33

Двајца британски државјани затворени во Иран повеќе од пет години се ослободени. Договорот беше постигнат додека светските лидери преговараат за враќање на Иран и на САД на меѓународниот договор за ограничување на програмата за нуклеарно збогатување на Техеран.

Двајца британски државјани затворени во Иран повеќе од пет години – добротворен работник и пензиониран градежен инженер – пристигнаа во Мускат, откако владата на Велика Британија го подмири деценискиот долг кон Иран.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас рече дека ослободувањето на британските државјани било „емотивно“.

„Беа навистина тешки 48 часа во исчекување на нивното ослободување, но не бевме сигурни до последен момент. Така беше навистина среќен момент за семејствата. И со задоволство можам да кажам дека и Назанин и Аношех се во добро расположение и се безбедни овде во Британија“, изјави Лиз Трас министер за надворешни работи на Обединетото Кралство.

Британската влада соопшти дека третиот затвореник, Морад Тахбаз, кој има американско, британско и иранско државјанство, бил ослободен од затвор како дел од истиот договор.

Договорот беше постигнат додека светските лидери преговараат за враќање на Иран и на САД на меѓународниот договор за ограничување на програмата за нуклеарно збогатување на Техеран – разговори кои беа сложени поради прашањето со затворениците.

По 11-месечни постојани разговори во Виена, американските официјални лица велат дека останува да се решат само многу мал број прашања.

„Мислиме дека преостанатите прашања може да се премостат. Како што рековме претходно, постигнавме значителен напредок. Блиску сме до можен договор. Останува малку време со оглед на нуклеарните достигнувања што ги направи Техеран. Иран претставува закана за нашите сојузници, за нашите партнери, во некои случаи и за соединетите држави, во низа области. Најитниот предизвик со кој би се соочиле е нуклеарно вооружен Иран“, изјави Нед Прајс портпарол на Стејт Департментот.

Дипломатите кои се обидуваат да го спасат иранскиот нуклеарен договор од 2015 продолжуваат со преговорите.

Марина Ристова