Македонија

Триесет години дипломатски односи со Словенија

17.03.2022 13:46

Одбележана е 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Словенија и Северна Македонија. Двете држави имаат одлични пријателски врски на сите полиња и заемно се поддржуваат во евроатлантската интеграција на регионот, истакнаа шефовите на дипломатиите на Словенија и Северна Македонија.

Словенија и Северна Македонија воспоставија дипломатски односи пред 30 години. Република Словенија беше првата држава што ја призна независноста на република Северна Македонија и прва отвори амбасада во Скопје. Оттогаш наваму, двете држави имаат пријателски односи кои се продлабочија и со партнерството во НАТО, и поддршката за членство во ЕУ.

„И во овој историски период, двете земји споделуваат исти вредности и дека се на вистинската страна на историјата. Затоа е уште поважно што поскоро да започнете со пристапни преговори со ЕУ. Словенија ќе продолжи да биде поддржувач и пријател на Северна Македонија на нејзиниот европски пат“, изјави Анже Логар министер за надворешни работи на Словенија.

Пријателството меѓу Словенија и Северна Македонија, се покажува и при соработката во случаи на природни непогоди, лани во време на пожарите во земјава.

„Во текот на целиот престој во Берово, а особено при заминувањето со таа спонтана низа луѓе по улиците низ кои пожарникарите се враќаа дома во Словенија. Ова е уште еден доказ дека нашите односи се многу повеќе од политичка, економска и културна соработка“, изјави Милан Предан амбасадор на Република Словенија.

На одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи настапи хорот на здружението на словенците Франце Прешерн во Скопје, како симбол на словенечко-македонската врска, составен од пејачи со словенечко потекло и нивни македонски пријатели.

Ирина Гелевска