Зеленски: Урнете го ѕидот и помогнете ѝ на Украина
Жртви во Киев откако остатоци од урнат проектил паднаа врз станбена зграда. Украинските власти известија дека нападот врз театарот во Мариупол во кој биле засолнети над 1000 луѓе бил погоден од руската војска..

Жртви во Киев откако остатоци од урнат проектил паднаа врз станбена зграда. Украинските власти известија дека нападот врз театарот во Мариупол во кој биле засолнети над 1000 луѓе бил погоден од руската војска. Бројот на жртви не се знае. Сателитските снимки од компанијата „Максар“ покажуваат дека на паркинзите околу објектот бил испишан зборот „деца“ за да може да се види и од воздух.
„Ѕидот се враќа среде Европа“, изјави претседателот Зеленски пред Долниот дом на Бундестагот.
„Ни треба помош и нам и на Европа. Таа не може да преживее и да ги зачува вредностите. Поранешниот американски претседател Роналд Реган еднаш во Берлин изјави: Господине Горбачов, тргнете го ѕидот, уништете го ѕидот. Почитуван канцеларе Шолц, истото сакам да ви го кажам и вам“ изјави Володимир Зеленски.
Откако беше прогласен за воен злосторник од челникот на Белата куќа Бајден, рускиот претседател Путин предупреди – коментарите се „непростливи“.
„Секој народ, особено рускиот народ, знае да направи разлика меѓу патриотите и џганот и предавниците, и едноставно да ги исплука како мушичка која случајно им влетала во устата. Убеден сум дека едно такво природно и неопходно прочистување на општеството ќе ја зацврсти нашата држава. Новата реалност ќе бара длабоки структурни промени во економијата, нема да кријам, нема да биде лесно. Тоа ќе доведе до привремено зголемување на инфлацијата и невработеноста. Наша задача е да ги минимизираме ризиците“, изјави Владимир Путин.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров требаше да отпатува за Кина, но, на половина пат, неговиот авион се врати во Москва. Причините за ваквата одлука се нејасни.
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин, кој е неделава во посета на Европа, во списокот со дестинации покрај Брисел и Словачка ја додаде и Бугарија. БНТ известува дека Вашингтон разговара со Софија и Братислава за поставување на системи за противракетна одбрана кои би ги користеле Украинците.
Советот за безбедност на ОН на вонредна седница за да се договорат идните чекори за хуманитарната криза во Украина. Војната е тема на виртуелната средба и на Г7.
Воениот конфликт предизвика и економска и бегалска криза. Од почетокот на инвазијата, од Украина заминале над три милиони луѓе.
Маја С. Филдишев
