Уште една неизвесна година за туризмот во Охрид
Туристичкиот сектор го очекува уште една тешка и неизвесна година. Пандемијата во изминатите две години скоро да го фрли на колена туризмот, особено во 2020 година кога бројот на ноќевањата беше преполовен. Годинава се очекуваше опоравување на оваа стопанска гранка но војната во Украина, енергетската и финансиската криза повторно внесоа голема неизвесност поради што некои од странските тур-оператори ги откажаа или ги одложија резервациите.

Војната во Украина и инфлаторната криза негативно ќе се одразат врз македонскиот туризам. Уште повеќе поради тоа што ова се случува по двегодишната пандемска криза која му нанесе огромни штети на овој сектор. Инфлацијата многу лошо ќе влијае на нашата држава како дестинација велат од Факултетот за туризам и угостителство, бидејќи цените на услугите се скоро на исто ниво со оние од другите дестинации од регионот коишто се далеку поатрактивни.
„Македонија според индексот на патувања и туризам најдобриот аспект од конкурентноста и е висината на цените. Како што се зголемуваат цените и како што се зголемува цената на горивото така ние ја губиме таа конкурентност. Ако ја изгубиме таа конкурентност ние остануваме неконкурентни во однос на соседните држави“, вели проф. д-р Цветко Андреески-декан на Факултетот за туризам и угостителство Охрид.
Ова лето ќе ги нема украинските и руските туристи, а поради намалената куповна моќ најверојатно ќе се намали и бројот на гостите од регионот и другите европски земји.
„Се очекува дека ќе опадне бројот на доаѓања од Полска бидејќи се наоѓа баш тука на границата на тој воен конфликт. Но исто така Турција бидејќи се соочува со исто така со една економска криза. Од туристички аспект ќе се намали куповната моќ на потенцијалните турски туристи коишто се пак број еден посетители на Македонија“, вели доц. д-р Климент Наумов-Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Дека не очекува неизвесна туристичка сезона говорат информациите дека некои странски тур-оператори ги откажаа или го одложија периодот на резервации. Во моментов никој не може да предвиди што ќе се случува и сите се во исчекување повторно да завладее мирот што ќе биде позитивно за сите аспекти на економијата и развојот на туризмот.
Сашо Нелоски
