Власта и опозицијата со спротивни ставови за покачувањето на пензиите
Партиите ги судрија ставовите за пензиите. Власта со став дека ќе имаат историско највисоко зголемување, опозицијата со реакција дека пензионерите се потценуваат- илјада денари не се доволни за справување со последиците, од како што велат, погубната економнско социјална политика...

Власта и опозицијата во кавга за пензионерите. Едните велат се грижат за нив, а другите тврдат дека власта ги ограбувала. Обезбедуваме одржлив и континуиран раст на пензиите велат во СДСМ. Со новиот закон, пензиите ќе се усогласуваат како збир од 50% од порастот на трошоците на живот и 50% од пораст на просечната плата во државата.
„Тоа значи дека веќе од овој септември околу 330.000 пензионери ќе добијат историско највисоко зголемување на пензиите, кои во просек ќе растат по околу 900 денари. Дополнително, како дел од антикризните мерки, за месеците април, мај и јуни секој пензионер на својата пензија ќе добива дополнителни 1.000 денари со цел да се заштити економскиот стандард во време на криза“, изјави Лидија Тасевска од СДСМ.
СДСМ и ДУИ по три и пол години грабеж на пензионерите, конечно ја признаа грешката. СДСМ повторно ги потценува пензионерите и ги убедува дека 1000 денари се доволни за справување со последиците од нивната погубна економска и социјална политика – велат од ВМРО – ДПМНЕ.
„Овие 1000 денари однапред се потрошени бидејќи во изминатиов период цената на млекото е покачена за 22%, цената на брашното за 38%, на зејтинот за 46%, струјата за над 30%, а горивата за рекордни над 70%. Ова се факти и бројки и тие никогаш не лажат. Затоа на сите ни е јасно дека ова таканаречено покачување на пензиите е само замајување на јавноста и мачкање очи на пензионерите. Ништо повеќе“, изјави Анегелинка Петкова од ВМРО-ДПМНЕ.
Од септември околу 330.000 пензионери ќе добијат зголемување на пензиите, кои во просек ќе растат по околу 900 денари.
Дополнително, како дел од антикризните мерки, за април, мај и јуни секој пензионер треба да добие дополнителни 1.000 денари.
Миле Ристески
