Ден на Црвениот крст и на крводарителството
Црвениот крст одбележува 77 години хумана мисија и масовно добротворно делување. И премиерот Ковачевски се приклучи на тимот волонтери.

Хуманоста не инспирира, тоа што можеме да помогнеме не прави подобри од останатите велат волонтерите од Црвениот крст. Откако ќе пружат помош и за возврат ќе добијат насмевка велат, тоа е сликата што секогаш останува врежана и што исполнува.
„Можам да помагам на луѓето кога им е најпотребно, а Црвениот Крст го гледам како организација каде што можам да го изразам мојот алтруизам и мојата хуманост“, вели Теодор Алексовски волонтер во Црвен Крст.
„Кога волонтираме придонесуваме и сето ова го правиме со наша добра волја во доброволна служба“, рече Маја Наумовска волонтер во Црвен Крст.
„При самото облекување на црвената униформа одма знам дека треба да направам нешто добро, односно треба да усреќам некого. За возврат не добиваме ништо финансиски но можам само да кажам дека добиваме насмевка на лицата а тоа е нешто што нас не исполнува“, вели Александар Недев волонтер во Црвен Крст.
Секоја година бројот на волонтери во организацијата се зголемува велат од Црвениот Крст. Секогаш било и е гордост да се биде дел од најголемата армија на хуманисти во светот.
„Нашата работа низ годините е само аргументирано сведоштво за човековата хуманост и солидарност која помага да се надмине човековата бездна што ја предизвикува апокалипсата во човековиот живот. Моќта на хуманоста обезбедува Црвениот Крст да се вградува во солидарноста и хуманоста меѓу луѓето“, вели Саит Саити генерален секретар на Црвен Крст.
Се одбележува и денот на крводарителството. Во дневниот центар во Скопје повеќе од 3000 луѓе на годишно даруваат од незаменливата течност.
Крв може да дарува секое здраво лице од 18 до 65 години. Даруваната крв за некого значи живот.
И премиерот Ковачевски стана волонтер на Црвениот Крст. Информираше дека Владата потпиша програма за соработка со Црвениот Крст за континуирано обезбедување на стокови резерви за хуманитарна помош. Тие се достапни за итно делување при вонредни состојби рече премиерот.
Ана Ј. Тодоровска
