Напади врз неколку украински градови
Нови потресни слики од Украина го обиколуваат светот. Погоден театарот во Мариупол, расфрлани тела на загинатите кои се засолнувале во објектот. Американскиот секретар за одбрана Остин в сабота е во Бугарија. Доколку се договорат, на бугарска и на словачка територија ќе се размести американска противвоздушна одбрана со која ќе управува Киев…

Жртви во Киев откако остатоци од урнат проектил паднаа врз станбена зграда. Украинските власти известија дека нападот врз театарот во Мариупол во кој биле засолнети над 1000 луѓе бил погоден од руската војска. Бројот на жртви не се знае.
„Режимот на Киев се обиде веднаш да ја обвини руската војска за она што се случува во Мариупол, особено за бомбардирањето на драмскиот театар. Ова е лага. Руските вооружени сили не бомбардираат градови и сите се свесни за тоа“, изјави Марија Захарова, портпарол на руското МНР.
„Ѕидот се враќа среде Европа“, изјави претседателот Зеленски пред Долниот дом на Бундестагот.
„Поранешниот американски претседател Роналд Реган еднаш во Берлин изјави: Господине Горбачов, тргнете го ѕидот, уништете го ѕидот. Почитуван канцелар Шолц, истото сакам да ви го кажам и вам“, нагласи Зеленски.
Откако беше прогласен за воен злосторник од челникот на Белата куќа Бајден, рускиот претседател Путин предупреди – коментарите се „непростливи“.
„Секој народ, особено рускиот народ, знае да направи разлика меѓу патриотите и џганот и предавниците, и едноставно да ги исплука како мушичка која случајно им влетала во устата“, рече Путин.
Рускиот министер за надворешни работи Лавров требаше да отпатува за Кина, но, на половина пат, неговиот авион се врати во Москва. Американскиот министер за одбрана Лојд Остин, кој е неделава во посета на Европа, во списокот со дестинации покрај Брисел и Словачка ја додаде и Бугарија. БНТ известува дека Вашингтон разговара со Софија и Братислава за системи за противракетна одбрана кои би ги користеле Украинците.
Советот за безбедност на ОН на вонредна седница за да се договорат идните чекори за хуманитарната криза во Украина. Војната е тема на виртуелната средба и на Г7.
Воениот конфликт предизвика и економска и бегалска криза. Од почетокот на инвазијата, од Украина заминале над три милиони луѓе.
Маја С. Филдишев
