Свет

Дали Шведска и Финска ќе влезат во НАТО?

19.03.2022 10:01

И Шведска и Финска досега беа воено неутрални земји. Но, војната во Украина и заканите на Москва за Финска на прво место – променија сè. Таа размислува да се приклучи кон НАТО...

До вчера традиционално неутралната Финска, по руската инвазија на Украина ја донесе одлуката и таа воено да му помогне на Киев. Но, и Хелсинки размислува да се зачлени во НАТО.

„Досега мислев дека не требаше да бидеме таму, но работите се сменија во последно време.“

„Сега мислам дека е неопходно да се заштитат границите“- велат жители на Хелсинки.

Москва за време на студената војна ѝ ја наметна неутралноста на Финска, позната како „финландизација“, што деновиве овој модел, меѓудругото се предлага и за Украина. Москва по војната ја контролирала финската надворешна и воена политика, спречувајќи било какви договори со нордиските земји за меѓусебна заштита.

За тој период Финците не сакаат да си спомнуваат многу, но веруваат во иднината бидејќи Финска е членка на Унијата, но не и членка на НАТО.

„Направивме многу, со НАТО, со Соединетите Држави и со нашиот важен сосед Шведска, со кои имаме одбранбена соработка. Штотуку купивме борбени авиони Ф-35“, изјави Рене Нибер, фински амбасадор во Русија (2000 – 2004).

„Мислам дека Финска треба да биде дел од НАТО. Сите ја видовме разликата што значи ако сте членка на НАТО или ако не сте членка на НАТО“, вели генерал Јармо Линдберг, врховен командант на финските вооружени сили 2014-2019.

Но како и да е, војната во Украина го промени расположението како во Финска така и во неутралната Шведска. Над 40 насто Швеѓани се за влез во НАТО, а дури 53 насто од Финците ја поддржуваат идејата за членство во Алијансата.

 

Мирјана Василева