Субвенции за ѓубриво и за сточарските фарми
Донесена е програмата за интервентен фонд во земјоделството, вредна 4 милиони евра. Предвидена е финансиска поддршка за сточарските фарми и за полјоделците за трошоците за вештачките ѓубрива за житните култури. Оваа програма се воведува за прв пат годинава со цел решавање на проблеми во производството и тешкотии со пласманот на пазарот.

Како дополнителна мерка за сточарите преку Програма за интервентен фонд, ќе се обезбедат по 1.500 денари за гоеница со тежина над 90 килограми и 400 денари за јагне. Услов е да бидат предадени во преработувачките капацитети, а ќе можат да аплицираат од 1-ви мај годинава. Исплатата за мерките ќе биде најдоцна до 30-ти јуни годинава.
Целта е да се намалат трошоците на сточарите, и да се обезбеди одржливо производство на домашното свинско месо. На овој начин, според сточарите, за потребите на домашниот пазар кои целосно се задоволуваат со сопствено производство, нема да има покачување на цените во месарниците.
Преку интервентниот фонд, се предвидува да се обезбеди и финансиска поддршка за производителите на пченица и јачмен за субвенционирање на ѓубривата. За оваа намена се планирани околу 120 милиони денари, односно 2.500 денари по хектар. Услов е, со барањето земјоделците да достават фискална сметка и сметкопотврда или испратница, за количеството и видот на купеното вештачкото ѓубриво.
Од интервентниот фонд на располагање на земјоделците ќе им бидат и 250 милиони денари за решавање на проблеми во производството и тешкотии со пласманот на пазарот.
Методија Трајков
