Воен конфликт

Продолжуваат руските ракетирања

18.03.2022 09:57

Руски ракети го погодија подрачјето на аеродромот во Лавов, во близина на границата со полска. Мариопул е 90 проценти уништен. Русија бара итна средба на Советот за безбедност на Обединетите Нации за биолабораториите во Украина.

Нови напади во Украина во близина на границата со Полска. Изутринава во Лавов беше погодена фабрика во близина на аеродромот. Бомбардирање и во Харков, Мариупољ и натаму под силен оган. Во текот на ноќта од Киев биле евакуирани над 1000 лица.

„Имаме информација дека руската војска регрутира платеници од други земји, се обидува да намами што е можно повеќе млади луѓе да ѝ се придружат во војската. Знаеме дека ова нема да им помогне. Ги предупредувам сите кои ќе се обидат да се здружат со окупаторот на нашата украинска земја. Тоа би била најлошата одлука во вашиот живот. Долгиот живот е подобар од парите што ви ги нудат за краток период“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Портпаролот на самопрогласената Доњецка Народна Република изјави дека Руската федерација воспоставила зона за забрана на летови над Донбас.

Паралелно со борбите на фронтот продолжуваат и дипломатските напори. Телефонски разговор на Американскиот претседател Џо Бајден со неговиот кинески колега Си Џинпинг, со фокус на санкциите.

Советот за безбедност на ОН денеска нема да гласа за руската резолуција за заштита на цивилите во Украина и хуманитарната помош откако рускиот амбасадор Небензја изјави дека на некои членки им бил вршен притисок да гласаат против неа. Тој инсистира на нова средба на која ќе се води дискусија околу американските биолаборатории во Украина.

„Цинично е што многумина колеги од различни делегации ни кажуваат дека им бил вршен притисок од западните партнери. Рацете им се врзани поради уцена и закани. САД и Албанија споделија писмо во кое од членките на ОН се бара да се воздржат од поддржување на резолуцијата“, изјави амбасадорот на Русија во ОН Василиј Небензја.

„Доколку Русија вистински беше загрижена за хуманитарната криза, за онаа што ја создаде самата, Русија едноставно ќе ги запреше нападите. Наместо тоа, Русија бара нова средба која ќе ја искористи за презентирање на дезинформации и пропаганда. Не заборавајте дека Русија е агресорот“, изјави амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд.

Според началникот на руските сили за радијација, хемиска и биолошка заштита, Игор Кирилов, армијата нашла документиран доказ со кој се потврдува дека Пентагон бил вклучен во финансирањето воени биолошки проекти во Украина.

Маја С. Филдишев