Емисијата „Трета доба“ повторно на МРТ

18.03.2022 11:41

Ќе пренесеме мудри пораки, ќе ги освежиме старите спомени. Ќе се потсетиме дека животот во трета доба може да биде многу интересен и убав...

Добро познатиот проект, емисијата наменета за повозрасната категорија граѓани „Трета доба“ повторно на програмата на Македонската телевизија. Ќе пренесеме мудри пораки, ќе ги освежиме старите спомени. Ќе се потсетиме дека животот во трета доба може да биде многу интересен и убав.

Во првото издание ќе гледате:

Во Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија членуваат 53 здруженија на пензионери, доброволно здружени заради заштита и унапредување на заедничките цели и интереси на корисниците на пензија. За целта и значењето на Сојузот ќе дознаеме повеќе од разговорот со претседателката на СЗПМ, г-ѓата Станка Трајкова.

За подобро расположение и весел почеток на новиот циклус од емисиите Трета доба, во студиото ги поканивме др. Драган Илијевски-Претседател на Здружението за Алцхајмерова болест-МК, Станче Петковска и Зоран Јовановски, активни и весели лица од трета доба.

Го посетивме и Тренинг центарот при Црвениот крст на град Скопје, верификуван од страна на Центарот за образование на возрасни за повеќе програми, забележавме голем број корисни информации за сите вас.

Корисниците на домовите за возрасни лица нудат социјална заштита, пријатна атмосфера и добро здравје на своите корисници. Посетивме еден од нив и поразговаравме со дел од корисниците и стручните лица

Ви ветуваме едукација, забава и голем број актуелности! Следете не на МРТ 1, во сабота во 13:25 часот.