Попоски од Атина: Подготвени сме да и помогнеме на Грција да почне да го почитува меѓународното право
05.04.2014 14:12
Темата за меѓународното право е наш терен бидејќи ние го почитуваме, но нашите домаќини послабо стојат на тоа поле и ние сме подготвени да им помогнеме тоа што го зборуваат и да го применат, истакна шефот на македонската дипломатија Никола Попоски по состанокот...

Потребата од почитување на меѓународното право во контекст на случувањата со Украина, Крим и Русија беше темата за која што најмногу се говореше на дводневниот неформален состанок на шефови на дипломатии во рамките на грчкото претседавање со Европската Унија.
Темата за меѓународното право е наш терен бидејќи ние го почитуваме, но нашите домаќини послабо стојат на тоа поле и ние сме подготвени да им помогнеме тоа што го зборуваат и да го применат, истакна шефот на македонската дипломатија Никола Попоски по состанокот.
Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, македонскиот министер за надворешни работи порача дека во моменти кога толку многу се зборува за меѓународното право, значајно е тоа и да се применува, а во тој контекст од особена важност е пресудата од Хаг.
„Меѓународниот суд на правдата е тело на ОН кое има кристално јасна пресуда за тоа дека Македонија во никој аспект го нема прекршено меѓународното право, додека единственото прекршување е направено од земја членка на НАТО која бесправно не блокира. И од аспект на остварување на критериумите, доколку низа години по ред Европската комисија кажува дека сме одамна сме ги исполниле одамна, многу е јасно дека оние критериуми што сме ги исполниле во 2009 се трипати повеќе исполнети во 2014. Така што се друго е само барање на изговор“, изјави Попоски.
Следниот состанок во рамките на грчкото претседателство со Унијата на кој што ќе учествува и македонскиот министер е формалниот состанок на шефовите на дипломатии што ќе се оддржи во Солун на почетокот на мај.
Марија Котовска, постојан дописник на МРТ од Атина
