Воен конфликт

Русија бара итна средба на Советот за безбедност на ОН за биолабораториите во Украина

18.03.2022 13:47

Руски ракети го погодија подрачјето на аеродромот во Лавов, во близина на границата со полска. Градот Мариопул е 90 проценти уништен, велат украинските власти. Русија бара итна средба на Советот за безбедност на Обединетите Нации за биолабораториите во Украина. Во телефонскиот разговор, Путин му се пожалил на германскиот канцелар Шолц дека Украина поставувала сè понереалистични услови во преговорите.

Нови напади во Украина во близина на границата со Полска. Во Лавов погодена фабрика. Бомбардирање и во Харков, Мариупол и натаму под силен оган. Од Киев евакуирани над 1000 лица.

„Уште еден пример за руската пропаганда, лага, она што го објаснуваат како специјална операција против воените сили на Украина. Ова е војна против украинскиот народ“, изјави градоначалникот на Киев Виталиј Кличко.

„Имаме информација дека руската војска регрутира платеници од други земји, се обидува да намами што е можно повеќе млади луѓе да ѝ се придружат во војската. Знаеме дека ова нема да им помогне. Ги предупредувам сите кои ќе се обидат да се здружат со окупаторот на нашата украинска земја. Тоа би била најлошата одлука во вашиот живот“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Неутрална Украина, директна средба со Зеленски и откажување од амбицијата за членство во НАТО се дел од барањата кои рускиот претседател Путин ги споменал во телефонскиот разговор со Реџеп Таип Ердоган. На германскиот канцелар Шолц пак му се пожалил дека Киев има се понераелистички услови во преговорите. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров нагласи – САД се однесуваат како глобален шериф, не сакаме нарачки од „чичко Сем“. Според армијата, постојат документирани докази за воено-биолошки проекти во Украина финансирани од Пентагон.

„Биолошките лаборатории се направени од САД низ целиот свет. Над 300 лаборатории воз разни земји, голем дел од нив во периметарот на руската федерација и поранешните советски републики, вклучувајќи ја и Украина. Украина е најголемиот проект на Пентагон“, изјави министерот за надворешна политика на Русија Сергеј Лавров.

Ова прашање е дел од агендата на Советот за безбедност на ОН каде што се откажа гласањето за руската резолуција за заштита на цивилите во Украина откако рускиот амбасадор Небензја обвини за вршење притисок со цел отфрлање на документот.

„Цинично е што многумина колеги од различни делегации ни кажуваат дека им бил вршен притисок од западните партнери. Рацете им се врзани поради уцена и закани“, изјави амбасадорот на Русија во ОН Василиј Небензја.

„Доколку Русија вистински беше загрижена за хуманитарната криза, за онаа што ја создаде самата, Русија едноставно ќе ги запреше нападите. Наместо тоа, Русија бара нова средба која ќе ја искористи за презентирање на дезинформации и пропаганда“, изјави амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд.

Опасност од дезинформации и во виртуелниот свет. Во последните неколку дена на интернет се појавија таканаречени „дипфејк“ снимки со Зеленски и Путин, на коишто првиот ја повикува војската да се предаде, а вториот прогласува мир. Експертите предупредуваат – овој нов вид технолошка манипулација е сериозно опасно оружје.

Маја С. Филдишев