Македонија

Југозападниот и Пелагонсикиот регион ќе градат заедничка меѓурегионална депонија во Новаци

18.03.2022 13:20

Југозападниот и Пелагонсикиот регион ќе градат заедничка меѓурегионална современа депонија во Новаци. Веќе се избрани претоварни станици во неколку општини, од каде сметот ќе се транспортира на депонијата. За изградба на депонијата обезбедени се средства од Европската банка за обнова и развој.

На повидок решавање на проблемот со депониите во Југозападниот плански регион во земјава. Заедно со Пелагонскиот, двата региони, ќе градат една меѓурегионална депонија во општина Новаци. Советот на Југозападниот регин донесе одлука да се формира ново, Јавно меѓуопштинско претпријатие за транспорт на сметот.

Современата санитарна депонија ќе има горилник за депонискиот гас, пречистителна станица и простор за складирање на рециклабилни материјали.

„Овие диви депонии, еднаш засекогаш ќе исчезнат од секојдневна употреба и напад и критики од граѓаните од невладините. Пред три месеци седнавме со министерот за животна средина и задачите, кои ни ги дадоа веќе се исполнети“, вели Рамиз Мерко претседател на Советот на Југозападниот плански регион.

Веќе се избрани претоварни станици во неколку општини, од каде сметот ќе се транспортира на депонијата. За изградба на депонијата обезбедени се средства од Европската банка за обнова и развој.

„Веќе се земени средства од ЕБРД, доделени на министерството за животна средина и ова е веќе забрзана постапка за што побрзо да се реши еднаш засекогаш овој навистина горлив проблем“, вели Мерко.

Со години Југозападниот регион не успеа да избере локација за изградба на депонија и интегриран систем за управување со отпадот. Со меѓурегионалната депонија во иднина ќе се затворат охридската и струшката депонија, како и сите останати диви локации, кои предизвикуваат загадување на животната средина, што е една од клучните препораки на Унеско.

Соња Рилковска