Бугарија

Уапсен поранешниот премиер Бојко Борисов

18.03.2022 13:39

Бугарската полиција го приведе поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов. Влегла и во домовите на поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и поранешната шефица на Буџетската комисија Менда Стојанова. Операцијата е заедничка со Европското јавно обвинителство. Се проверуваат 120 досиеја, за злоупотреба на европски фондови. Во бугарскиот парламент тензично. Надвор протести на ГЕРБ. Никој не е над законот изјави премиерот Петков. Претседателот Радев не коментира.

Во акција на бугарската полиција уапсен поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Покрај него приведени и поранешниот министер за финансии на ГЕРБ, Владислав Горанов, поранешната шефица на комисијата за финансии во собранието Менда Стојанова и советничката за медиуми во ГЕРБ Севделина Арнаудова.

Во акцијата вклучени националната полиција и европското обвинителство. Се проверуваат 120 досиеја, за злоупотреба на европски фондови. Пред зградата на бугарската влада изутрината мирен протест за поддршка на лидерот на ГЕРБ.

Апсењето предизвика хаос во бугарскиот Парламент. Пратениците се степаа при говорот на Георги Свиленски од БСП. Ситуацијата ја смири претседателот на Народното собрание Николај Минчев.

Портпаролката на главниот обвинител на Бугарија изјави дека обвинителството не е известено за „Случајот Борисов“, додавајќи дека се работи за истраги за европски фондови.

Прв на распит премиерот Петков. Вели никој не е над законот. Претседателот Радев пак не сака да коментира.

„Не се мешам во работата на агенциите за спроведување на законот. Не можам да кажам дали ќе има уште апсења“, изјави Румен Радев претседателот на Бугарија.

Според наводите на бугарските медиуми, обезбедени се фотографии и видеоснимки на кои наводно поранешниот премиер прима поткуп од најголемиот бугарски олигарх и крал на бугарското подземје ставен на црната-листа на САД од јуни 2021.

Марина Ристова