Македонија

Спасовски: Засега немаме посебен притисок за прием на бегалци од Украина

18.03.2022 14:34

50-сетина бегалци од Украина кои имаат роднински врски со македонски државјани веќе се сместени во земјава..

50-сетина бегалци од Украина кои имаат роднински врски со македонски државјани веќе се сместени во земјава. Надлежните прават подготовки за сместување на поголем број на украински бегалци доколку за тоа се покаже потреба, најави првиот човек на МВР Спасовски.

„Досега немаме некоја поголема бројка, околу педесетина луѓе, кои се украински државјани или украински државјани коишто се во брак со македонски државјани. Значи, нивните семејства се тука и сите се дојдени со претходна нивна организација, приватно. Во овој дел сега немаме некаков посебен притисок за доаѓање на мигранти, што не значи дека тоа нема да ни се случи, заради тоа што она што навистина се случува во Украина е многу страшно и ние мора да подадеме пријателска рака на оние луѓе коишто бегаат од една таква агресија и од она што му се случува на украинскиот народ“, изјави Оливер Спасовски-министерот за внатрешни работи.

Во Словенија има 3000 украински бегалци, а 10 илјади поминале транзитно низ земјата, откри словенечкиот министер за внатрешни работи. Капацитетите за сместување на бегалци од Украина во соседните Полска, Словачка, Молдавија, Романија се речиси пополнети, па Словенија се подготвува за прифаќање на поголем број на бегалци.

„Во оглед на тоа што сме малку поинаква држава, сме на удар. Најполна во моментов е Полска со околу 2 милиони бегалци, се полни Унгарија, Молдавија, веднаш после тоа се Словенија и Хрватска. Така што во овој миг сме подготвени да примиме околу 10 илјади бегалци, а тој број ќе го зголемиме кога ќе биде видливо дека бранот на мигранти се зголемува“, изјави Алеш Хојс-министерот за внатрешни работи на Словенија.

Безбедносната ситуација во земјава е стабилна, вели министерот за внатрешни. Заедно со неговиот словенечки колега изјавија дека НАТО следи евентуална опасност од дронови од украинскиот воздушен простор како оној што заврши во Загреб. Двајцата министри се согласија дека соработката во борбата против трговијата со луѓе е значајна, па потпишаа имплементирачки договор за соработка.

Ирина Гелевска