Јовановски: Да не се судат мојот лик и дело, да се судат доказите
Завршни зборови на Бојан Јовановски, првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“. Тврдеше дека проектите за кои склучил договор со две фирми требало да се реализираат и бизнисмените верувале во нив, што потврдуваат и изјавите пред судот. Според него, Меѓународен сојуз не добивал државни пари. Јовановски рече дека експремиерот Заев знаел за случувањата во „Меѓународен сојуз“. Побара од судот ослободителна пресуда.

Не сум цвеќе за мирисање, ниту сум најчесниот човек на светот, но, за ова кривично дека не сум виновен. Измамен сум, рече во завршните зборови првообвинетиот во „Меѓународен сојуз“ Бојан Јовановски. Кривичните дела што ни се ставаат на товар не се сторени бидејќи немало намера, ниту мотив, ниту идеја да бидат доведени во заблуда двете компании со кој имавме потпишано договори-додаде Јовановски. Пред судот рече дека поддршката од Владата ја имал од првиот ден на формирањето на Меѓународниот сојуз и дека ништо не се случувало без знаење на експремиерот Заев.
„Обвинителството во завршните зборови тоа го крсти како поттик од Зоран Заев. Од лицето Зоран Заев не само што добивме поттик, не само што добивме поддршка, туку и ветување, а тоа ветување беше следно, дека ќе биде формирана – цитирам: Специјална комисија која ќе помогне за реализација на проектите на „меѓународен сојуз“, особено за овие поради тоа што ќе помогнат на државата“, рече Бојан Јовановски.
„Иако како што вие велите не е сослушан Зоран Заев, да не е сослушан, но, застапникот на обвинението рече дека не е спорно дека имало поттик или друго. И сега зошто сега не би можел он да се осврне. Каде е за обвинителството . И он нема да злоупотреби“, рече Сашко Дуковски-адвокат на Бојан Јовановски.
Јовановски побара судот да ја базира својата одлука на докази не да се суди неговиот лик и дело, и да се оттргне од шпекулациите и политичкото влијание. Изрази жалење зашто судот не дозволил сите докази да бидат изведени, алудирајќи на дел од пораките на неговиот телефон. Боки-13 е обвинет за перење пари и измама. Пресудата ќе ја слушне на седми април.
Наташа Г. Петрушевска
