24-часовен притвор за поранешниот бугарски премиер Борисов
Апсењата на Борисов и на неговите соработници покажуваат дека никој не е над законот - бугарскиот премиер Петков за приведувањето на неговиот претходник. Европското обвинителство истражува злоупотреба на фондови и средства. Во Софија протести и тензии во Националното Собрание...

24 – часовен притвор за лидерот на ГЕРБ, и поранешен премиер на Бугарија, Бојко Борисов кој синоќа беше приведен. Во акцијата на бугарската полиција се приведени и поранешниот министер за финансии на ГЕРБ, Владислав Горанов, поранешната шефица на Комисијата за финансии во собранието Менда Стојанова и советничката за медиуми во ГЕРБ Севделина Арнаудова.
Во акцијата вклучени националната полиција и Европското обвинителство. Се проверуваат 120 досиеја, за злоупотреба на европски фондови. Пред зградата на бугарската Влада изутрината мирен протест за поддршка на лидерот на ГЕРБ .
Апсењето предизвика хаос во бугарскиот парламент. Пратениците се степаа при говорот на Георги Свиленски од БСП. Ситуацијата ја смири претседателот на Народното Собрание, Николај Минчев.
Прв на распит премиерот Петков. Вели никој не е над законот. Претседателот Радев пак не сака да коментира.
„Не се мешам во работата на агенциите за спроведување на законот. Не можам да кажам дали ќе има уште апсења“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.
Според наводите на бугарските медиуми, обезбедени се фотографии и видеоснимки на кои наводно поранешниот премиер прима поткуп од најголемиот бугарски олигарх и крал на бугарското подземје ставен на црната-листа на САД од јуни 2021.
Марина Ристова
