Помилувањата се спроведени согласно законот, велат од кабинетот на Пендаровски
Претседателот Пендаровски помилува осуденици. На листата, како делумно помилуван е и Абдулфета Алими, осуден за настаните од 27-ми април, за кого лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села тврдеше дека му го спасил животот ноќта кога беше претепан во законодавниот дом. Од Вила Водно велат дека помилувањата се спроведени согласно законот, но од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека се селективни, и побараа да се прошират со сите кои се неправедно осудени. Пендаровски реагира – никогаш не сум постапувал селективно…

Откако претседателот Стево Пендаровски ги објави имињата, повторно се крена прашина за тоа дали некој затвореник заслужено или не добил помилување. Овојпат меѓу нив се најде и Абдулфета Алими, член на обезбедувањето на Собранието кој беше осуден за настаните од 27-ми април. За него, претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села сведочеше дека му го спасил животот. Села, објави слика од Алими, под која напиша-неизмерно се израдував за Фета, кој требаше да е слободен, не помилуван.
Од Кабинетот на Пендаровски посочуваат дека помилувањата се спроведени согласно законската процедура, а сите петмина кои се помилувани ги исполнуваат условите за такво нешто.
„Секој случај се разгледува поединечно. Во однос на предметите опфатени со последната одлука за помилување на осудени лица, Комисијата за помилување даде позитивен предлог. Лицето Абдуљфета Алими, кој има добиено делумно ослободување од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор, во траење од осум месеци, ги има исполнето условите предвидени со Законот за помилување и воспоставената пракса“, велат од Кабинетот на Пендаровски.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ коментираат – наместо селективна правда, Пендаровски одлуката за помилувања да ја прошири кон сите неправедно осудени кои се во затвор.
„Очекуваме неселективност во одлучувањето на Пендаровски, очекуваме неселективност во правдата. И наместо селективна правда по примерот на ваквата одлука таа да се прошири кон сите неправедно осудени кои се во затвор“, истакна Миле Лефков.
Од Вила Водно за тврдењата на Лефков велат дека претседателот никогаш не одлучувал селективно и оти одлуката за Алими е индивидуална и не се однесува на околностите и настаните од 27-ми април. Пендаровски ги прескокна традиционалните помилувања за Нова година, откако беше обеделоденета предлог – листата на Министерството за правда, а на која се наоѓаа имиња кои предизвикаа силна негативна реакција во јавноста. Тогаш, Министерството ја повлече листата.
Миле Ристески
