23-ти ден од руската инвазија, напади во близина на границата со Полска
23-ти ден од руската инвазија врз Украина. Ракетирана е фабрика за поправка на авиони во Лавов, на западот од земјата, во близина на полската граница. Бомбардирани се и други градови, погодена е станбена зграда во Киев. Се проценува дека околу 30 илјади луѓе досега го напуштиле Мариупол. Обединетите нации побараа истрага за цивилните жртви. По разговорот Путин – Ердоган, медиумите пренесуваат дека Кремљ поставил јасни барања за крај на војната, но според рускиот претседател, до решение може да се стигне само преку разговор, лице в лице со шефот на украинската држава. Зеленски подготвен уште утре да се одржи средба…

Нови напади во Украина во близина на границата со Полска. Во Лавов погодена фабрика за поправка на авиони. Бомбардирања и во Харков, Мариупол и натаму под силен оган. Од Киев евакуирани над 1.000 лица.
„Уште еден пример за руската пропаганда, лага, она што го објаснуваат како специјална операција против воените сили на Украина. Ова е војна против украинскиот народ“, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
„Имаме информација дека руската војска регрутира платеници од други земји, се обидува да намами што е можно повеќе млади луѓе да ѝ се придружат во војската. Знаеме дека ова нема да им помогне. Ги предупредувам сите кои ќе се обидат да се здружат со окупаторот на нашата украинска земја. Тоа би била најлошата одлука во вашиот живот“, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Неутрална Украина, директна средба со Зеленски и откажување од амбицијата за членство во НАТО се дел од барањата кои рускиот претседател Путин ги споменал во телефонскиот разговор со Реџеп Таип Ердоган. И Зеленски подготвен за разговор очи в очи.
„Главната причина и оперативниот мотив и цел на воената операција што ја почнавме во Донбас и Украина е да се стави крај на страдањата на луѓето во Донбас и геноцидот“, нагласи рускиот претседател, Владимир Путин.
Ова прашање е дел од агендата на Советот за безбедност на ОН каде што се откажа гласањето за руската резолуција за заштита на цивилите во Украина откако рускиот амбасадор Небензја обвини за вршење притисок со цел отфрлање на документот.
„Цинично е што многумина колеги од различни делегации ни кажуваат дека им бил вршен притисок од западните партнери. Рацете им се врзани поради уцена и закани“, рече Василиј Небензја, амбасадор на Русија во ОН.
„Доколку Русија вистински беше загрижена за хуманитарната криза, за онаа што ја создаде самата, Русија едноставно ќе ги запреше нападите. Наместо тоа, Русија бара нова средба која ќе ја искористи за презентирање на дезинформации и пропаганда“, нагласи Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ОН.
Опасност од дезинформации и во виртуелниот свет. Во последните неколку дена на интернет се појавија лажни снимки со Зеленски и Путин, на коишто првиот ја повикува војската да се предаде, а вториот прогласува мир. Експертите предупредуваат – овој нов вид технолошка манипулација е сериозно опасно оружје. Во меѓувреме, продолжуваат напорите да се стигне со решение. Путин разговара со Макрон, САД со Пекинг.
Маја С. Филдишев
