Вевчанскиот карневал не доби финансиска поддршка од Министерството за култура
За прв пат, после две децении Вевчанскиот карневал не доби финансиска поддршка од Министерството за култура. Карневалската манифестација со вековна традиција секогаш се одржувала под покровителство на Министерството. Од таму велат карневалот се одржал пред носењето на одлуки за финансии, општината поднесе жалба.

Вевчанскиот карневал, за прв пат не доби финансиска поддршка од Министерството за култура. Карневалската манифестација е бренд во земјава со вековна традиција и секогаш се одржувал под покровителство на министерството.
Според градоначалникот одбивањето на финансии, кои редовно изнесувале околу милион и двесте илјади денари, е со образложение дека карневалот се одржал пред да се донесе одлука за негово финансирање, што и изминатите години било пракса.
„Образложението во решението е дека Комисијата се состанала, односно настанот се случил пред да заседава комисијата што е едно паушално и банално образложување зошто не одбиле“, вели градоначалникот на Вевчани Спасе Кочоски.
Градоначалникот обвинува за политичка заднина, бидејќи навремено и уредно аплицирале со сите потребни документи, за што поднесе жалба.
„Причините би ги рекол пред сè дека се политички, не знам зошто би не одбиле. Ништо драстично не се случи во Вевчани, корона мерките беа запазени дозволено беше да се случуваат настани на отворено. Од наша страна не беше ништо нарушено за да не ни овозможат финансиски средства“, додава Кочоски.
Кратењето на овие финансиски средства е голем удар врз општина Вевчани која има мал буџет. По поднесената жалба, очекуваат позитивен одговор од министерството за култура.
Соња Рилковска
