Шестмина загинати и десетици повредени откако автомобил влета во толпа во Белгија
Ужас во Белгија. Возило влета во толпа. Шест лица загинаа, десетици се повредени. Групата луѓе чекале да присуствуваат на карневалот во белгискиот град Стрепи-Бракени, во близина на Брисел…

Автомобил влетал во карневал и усмртил шестмина, 26 се повредени, од кои 10 се во критична состојба. Празничното утро се претвори во кошмар во гратчето Стрепи-Бракени во Јужна Белгија. Повредените се пренесени во различни болници во Хено и Брисел. Активиран е планот за катастрофи. Општинската спортска сала е ставена на располагање на семејствата на жртвите.
„Тргнавме, мора да беше 4.40 наутро, потоа отидовме по улицата, тргнавме лево и околу 5 часот имаше автомобил кој помина со повеќе од 100 км/ч и ја удри целата поворка. Имам мал потрес на мозокот. Навистина е како во филмовите луѓе на земја во крв, брза помош и полиција. Навистина ужасни сцени“.
„Бевме во поворката и едно возило дојде зад нас и налета на групата. Имав среќа што возилото помина покрај мене, но за жал удрија многу луѓе“.
Полицијата ги привела возачот и патниците во автомобилот што влета во групата луѓе. Според полициските првични наоди се работи за само едно возило кое одзади удрило во редицата на годинешната фолклорна парада.
„Во автомобилот имало две лица кои беа уапсени, родени во 1988 и 1990 година, и двајцата од Ла Лувиер. Истражен судија ги обвини за убиство. Сè уште ќе треба да се извршат различни задачи како дел од оваа истрага за да се расветли оваа трагедија, особено реконструкција што ќе ја утврди точната траса на возилото и мотивот на сторителот или на сторителите“, изјави Демиен Верхејен, белгиски заменик јавен обвинител.
Двајцата сторители кои со возило усмртија и повредија учесници на карневалот, досега не биле осудувани за кривично дело.
Ирина Гелевска
