Украина

Битка за Мариупол, судирите се засилуваат

20.03.2022 13:24

Четврта недела од руската инвазија во Украина, нападите уште пожестоки. Руската армија со нова серија напади со хиперсонично оружје во Украина. Во Мариупол гранатирано училиште. Над 400 деца и жени се заробени под урнатините. Досега загинале 850 цивили – стои во извештајот на Обединетите нации. Турција со дипломатска иницијатива. Прави напори за организирање средба Зеленски-Путин.…

25-ти ден од војната во Украина. Според податоците на ОН загинале околу 850 цивили. Продолжуваат уличните борби во Мариупол. Судирите се засилуваат. Гранатирана е и клучна транзитна точка за излез од Запорожје. Киев тврди дека од хуманитарните коридори на украинските градови во текот на вчерашниот ден биле евакуирани речиси седум илјади цивили.

Претседателот Зеленски изјави дека руската опсада на Мариупол е „терор што ќе се памети со векови.“

„Блокираниот Мариупол ќе влезе во историјата на одговорноста за воените злосторства. Колку повеќе Украинците зборуваат за тоа во светот, колку повеќе наоѓаме поддршка. Колку повеќе Русија користи терор против Украина, толку полоши ќе бидат последиците за неа“, нагласи Зеленски.

„Спиевме на душек, на студ. Беше страшно, гласно, плачев и се молев, имав една икона со мене. Најмногу се плашев дека никогаш повеќе нема да ја видам мајка ми“.

„Отворија зелен коридор два дена за луѓето да можат брзо да заминат, ако е можно. Седевме во засолниште за бомби и ни рекоа да го оставиме и да бегаме каде што можеме“-велат жители на Мариупол.

Рускиот министер за надворешни работи Лавров ги обвини САД дека го попречуваат напредокот во преговорите меѓу неговата земја и Украина.

„Зеленски предложи одржување разговори и нашиот претседател се согласи и преговорите се одвиваат. Некаков дијалог беше воспоставен. Сепак, постои чувство дека некој, најверојатно САД ја држи за рака украинската делегација, спречувајќи ја да ги прифати барањата, кои јас ги сметам за минимални“, изјави Лавров.

Од почетокот на војната во Украина, во Полска избегале повеќе од два милиона луѓе, соопшти полската гранична полиција. Дел од пристигнатите во изминатите три недели веќе ја напуштиле Полска, а според процените на експертите за миграција од универзитетот во Варшава, во земјава останале уште најмалку 1,1 милион украински бегалци. Повеќето од бегалците се упатиле кон големите градови, главно Варшава и Краков.

„Мојата куќа е сè уште таму, но таму не е можно да се опстои. Луѓето не излегуваат од подрумите веќе осум дена. А има и луѓе кои не излегле од почетокот на војната“, вели бегалец од Харков.

„Нема живот, има само преживување. Сите се во подрум. Сè наоколу е уништено“.

„Сакам само да си одам дома. Кога си дома, сè е подобро“.

Турција е убедена дека Москва и Киев можат да постигнат мировен договор, а приоритетна задача на Анкара е да организира средба меѓу украинскиот и рускиот претседател.

Марина Ристова