Доаѓаат вистински пролетни денови
Ниските утрински температури во изминатиот период сепак ги замешаа прстите и направија штети од измрзнување, особено во регионите каде што беше почната вегетацијата на овошните култури. Според агрометеоролозите пак, неделава не очекуваат повеќе сонце и вистински пролетни денови кои можат да се искористат за обработка и заштита на овошните и на лозовите насади.

Разладувањето на атмосферата, особено ниските минимални утрински температури од изминатиот период кои достигнаа вредности и до -12, во Беровскиот и околу -5 степени долж Повардарието, ги исплашија земјоделците, особено овоштарите за евентуални штети од измрзнувања, кои не се исклучени и се закануваат најмногу во регионите каде што будењето на вегетацијата веќе беше почнато.
И заладувањето од минатиот викенд со температурите до -4, исто така остави можност за штети од мразови кај овошките во понапредните фази на развој и намалената издржливост во овој период од годината.
Оваа седмица, особено во втората половина, според прогнозите, со календарскиот почеток на пролета, треба да се почувствуваат и вистинските пролетни денови, со нагло будење на вегетацијата и почеток на цветањето кај многу овошки, особено кај коскестите видови.
Ваквите временски услови ќе овозможат и работа на отворено кај овошните и лозовите насади во меѓуредовата обработката и заштитата на дрвцата, потоа подготовката на леите за расад на тутунот и вообичаените за ова време од годината работи што се вршат во градинарството.
Методија Трајков
