„Бојата на басот“ во Филхармонија
Овој четврток, во 20 часот оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот „Бојата на басот“ ...

Овој четврток, во 20 часот оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот „Бојата на басот“ на кој како солист на контрабас ќе настапи Ѓорѓи Цинциевски, а диригент е Сашо Татарчевски. На програмата се дела од Стравински, Рота и од македонската композиторка Дарија Андовска.
Композицијата „FairVent“ – за гудачки оркестар, перкусии и фиксен медиум, од македонската композиторка Дарија Андовска, е напишана како нарачка за проектот „B Matinee“ на „No Borders Orchestra“ во кој свират најдобрите музичари од Балканот. Посветена му е на овој оркестар и на Премил Петровиќ, диригент и уметнички раководител на овој оркестар, кој живее и работи во Берлин.
„Звучно, оваа комбинација е многу блиска со англискиот збор Fervent, кој означувапоседување или покажување страстен интензитет. Архитектониката и драматургијата на композицијата се поврзани со првенствена хаотичност која преоѓа во катарза и чувство за еднаквост со светот и со универзумот (или Бог) – јас сум сите и сите се јас, јас сум сè и сè е јас. Едно“, вели композиторката Дарија Андовска.
Дарија Андовска (1979) е композиторка на оркестарска, камерна, солистичка, вокална музика, музика за филм, театар и танц, како и на мултимедијални проекти.
Игор Стравински е руски композитор кој со својата музика засекогаш го измени звучниот пејзаж во 20 век. Тој е клучна фигура во музиката на 20 век, еден од најоригиналните творци во историјата на музиката, најмодерниот модернист, како што го нарекуваат историчарите. Соработувал со Пикасо, бил инспирација за низа композитори од Булез до Тавенер. „Жар птица“ е ултимативна руска бајка во која излегува на површина специфичниот композиторски дух на овој руски автор.
Сашо Татарчевски е роден во Битола каде завршува основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на ФМУ во Скопје, на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано.
Ѓорѓи Цинциевски ги завршува студиите во Државното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, во класата на професорот Благој Маротов. Во 2000 г. тој ги продолжува студиите на престижната висока музичка школа – Royal Northern College of Music, во Манчестер, Велика Британија, со што се стекнува со диплома за завршени додипломски и постдипломски студии со одличен успех, во класата на професорот Јиржи Худец. По добивањето на најпрестижната солистичка диплома (Distinction in Professional Performance) што ја нуди оваа институција, диплома што ја добиле само шест контрабасисти во историјата на отворањето на овој колеџ, добива покана и станува асистент-професор по контрабас.
