Скопје

Голема пролетна акција низ скопските општини

21.03.2022 11:23

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со директорите на јавните претпријатија на Град Скопје и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓеогиевски, денеска, 21 март, го најавија почетокот на пролетната работна акција...

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со директорите на јавните претпријатија на Град Скопје и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓеогиевски, денеска, 21 март, го најавија почетокот на пролетната работна акција низ скопските општини, на место нарекувано Чешма. Оваа голема акција, што ќе се спроведува во координација со јавните претпријатија, ќе трае до 27 мај.

Започнуваме во општина Кисела Вода, каде што од денеска до крајот на неделата во соработка со градоначалникот Орце Ѓеоргиевски, Град Скопје ќе спроведува активности за темелно чистење на градските булевари и површините под градска надлежност, уредување и санација на дефекти во доменот на јавните градски претпријатија – рече градоначалничката Арсовска на почетокот на пролетната акција.

Големата пролетна работна акција низ општините опфаќа активности на чистење на булеварите и улиците, рачно и машинско миење на улиците, собирање на кабаст отпад на предвидените локации низ општините, санирање од оштетувања на коловозите, поставување на вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација, садење садници и уредување на зеленилото низ скопските општини, санации на пријавени дефекти и проблеми од граѓаните, заловување на бездомни кучиња, каде што по нивен хуман третман ќе биде овозможено да бидат вдомени, целосно чистење на атмосферските и фекалните линии, како и активирање механизација за прочистување на дождовните сливници на булеварите и на градските улици – изјави градоначалничката Арсовска.