Евроинтеграции

Силна поддршка за почеток на преговори

21.03.2022 13:07

Шефовите на дипломатиите на ЕУ со силна поддршка за одржување на првите меѓувладини конференции и отпочнување пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија за време на француското претседателство. Министерот Османи со порака да се носат правилни и навремени одлуки за обезбедување европски континуитет на регионот.

Шефовите на дипломатии на ЕУ со силна поддршка за одржување на првите меѓувладини конференции и отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија за време на француското претседателство со ЕУ. На работниот појадок во Брисел, на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој присуствуваше и македонскиот шеф на дипломатијата Османи, високиот претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика Борел и еврокомесарот за проширување Вархеји, било истакнато дека Северна Македонија посветено работи на исполнување на европската реформска агенда и на добрососедските односи со што земјава е препознаена како веродостоен партнер.

„Унијата покажа дека знае да се обедини во историски времиња, да ги донесе вистинските одлуки, да изгради консензус. А ние покажавме дека 100-процентно стоиме зад овие одлуки. Потребени ни е брз и одлучен исчекор  на нашиот евроинтегративен пат. И денес сум затоа тука, да ја зацврстиме поддршката од нашите европски пријатели за почеток на преговорите“, изјави Османи.

Османи и еврокомесарот за проширување Вархеји заклучиле дека имаме заедничка обврска да носиме правилни и навремени одлуки за обезбедување на континуитет на европските перспективи во регионот преку одржување на првите меѓувладини конференции.

„Се фокусиравме на перспективите за членство во на балканските држави. На работниот состанок на кој го поканив министерот за надворешни работи на Северна Македонија, разговаравме за потребата за почеток на преговори што е можно побрзо“, изјави министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас.

„Штотуку го завршивме работниот појадок со министерот за надворешни работи на Северна Македонија. Романија го охрабри почетокот на пристапните преговори што е можно побрзо“, изјави министерот за надворешни работи на Романија Богдан Ауреску.

Попладнево шефот на дипломатијата ќе се обрати на Комисијата за надворешна политика на Европскиот Парламент на покана од претседавачот Дејвид Меккалистер и ќе има средба со европратениците од групата „пријатели на северна Македонија“.

Ирина Гелевска