Ковачевски: Кога ќе има документ прифатлив за двете страни, ќе биде споделен со институциите и јавноста
Кога ќе има документ прифатлив за двете страни, ќе биде споделен со институциите и со јавноста. Премиерот Ковачевски уверува дека има напредок, а отворен е и нов процес на разговори со Бугарија. Неговиот бугарски колега Петков со поддршка на евроинтегративните процеси на државата, но не отстапува од ставот за правата на Бугарите во рамки на Уставот…

Премиерот Ковачевски е оптимист за разговорите со Бугарија и можното изнаоѓање решение за отворените прашања. Новиот пристап на двете влади треба да ја зголеми соработката, но и меѓусебната доверба, констатира македонскиот премиер кој не открива детали околу клучните теми на разговор. Одговара дека кога ќе има резултати или документ прифатлив од двете страни, тоа ќе биде обелоденето во јавноста.
„Секогаш постојат поединци кои сакаат тие односи да ги направат полоши, но ние и бугарската влада сме против тоа. Треба да соработуваме на сите полиња, а особено оваа криза, оваа воена агресија која Русија ја изврши врз Украина, покажа дека Европа мора да биде обединета и силна, а тоа секако треба да се направи помеѓу соседните држави“, изјави премиерот Ковачевски.
Бугарскиот премиер Кирил Петков за грчки „Катимерини“ порачува – даваме поддршка за ЕУ перспективата на Скопје, но со гаранции во Уставот за правата на Бугарите.
„Ние сме за европската перспектива на Македонија, како и на Албанија. Но, постојат одредени работи што треба прво да се решат, како што е почитувањето на правата на Бугарите во Македонија, со гаранции во рамките на Уставот. Имаме план и многу добра комуникација со Владата на Македонија и се надеваме дека брзо ќе одиме напред“, рече бугарскиот премиер Петков.
Македонската и бугарската влада по „статус кво“ состојбата со историската комисија, формираа неколку други за зголемување на соработката во повеќе области. Сепак, почетокот на преговорите на земјава со ЕУ е сè уште закочен од Софија.
Миле Ристески
