Македонија

ЗЕЛС неделава на средба со Владата, Арсовска вели најкритични се малите општини

21.03.2022 13:10

Таа предупреди дека локалните самоуправи може да останат и без струја...

Најпогодени од енергетска криза се најмалите општини. Доколку тие се нефункционални, граѓаните нема да добијат услуги, истакна претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска. Таа предупреди дека локалните самоуправи може да останат и без струја. Арсовска рече дека по три месеци добиле одговор од Владата за бараната средба со заедницата на општини на која ќе се разговара за проблемите околу високите сметки за електрична енергија кои ги имаат локалните самоуправи.

„Последната информација којашто ја имаме, а тоа беше побарано пред одприлика десетина дена, дека во термин некаде меѓу денеска и 23-ти среда, дека ќе испорача Владата термин кога ќе може да се седне да се разговара поврзано за ова што го имаме како проблем“, изјави претседателката на ЗЕЛС Данела Арсовска.

И од Јавното претпријатие комунална хигиена велат дека им треба помош од Владата. Покачувањето на цените на енергенсите веќе влијае негативно на нивната работа.

„Ние правиме промена на оперативни планови, на пример за да не се изложиме на дополнителни трошоци правиме по паметни планови. Да можеме со едно излегување на едно специјално комунално возило да собере повеќе контејнери. Така да штедиме на тоа поле, меѓутоа ако продолжи овој тренд сигурно дека ќе ни треба да седнеме да разговараме со владата нормално и тоа градоначалничката ќе го направи“, изјави Зухди Енуз директорот на ЈП Комунална хигиена – Скопје.

Градоначалникот на Кисела Вода предупреди дека поскапувањата на енергенсите и одредени јавни набавки може да им пролонгира дел од проектите.

„Секако дека тоа ќе биде пречка, дел од проектите и дел од нашата визија ќе биде пролонгирана на одреден период но ние не се откажуваме. Она што јас сум се обврзал дека ќе го реализирам пред граѓаните останувам позади тоа и истото ќе го реализирам во мојот мандат“, изјави Орце Ѓорѓиевски – градоначалник на општина Кисела Вода.

Градот Скопје во координација со Јавните претпријатија почнува со голема пролетна работна акција во сите скопски општини којашто ќе трае до 27-ми мај. Чистење на булеварите и улиците, собирање кабаст отпад, санирање од оштетувања на коловозите, поставување вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација, нови садници и уредување на зеленилото, санации на пријавени дефекти и проблеми од граѓаните, заловување бездомни кучиња се дел од активностите кои ги опфаќа пролетната акција низ општините.

Ана Ј. Тодоровска