Авионска несреќа во Кина

Спасувачките тимови на терен, бројот на жртви непознат

21.03.2022 14:06

Од мрежната станица „Веибо“ информираат дека противпожарните служби на градот Вужоу испратиле 23 противпожарни возила и 117 спасувачи. Џинпинг повика на сите напори за спасување и за што можно поскоро откривање на причините за несреќата. Се очекува истрагата и црната кутија да ги дадат одговорите...

Кинески патнички авион Боинг-737 со 132 патници се урна во планинска област во јужната провинција Гуангкси-објавија државните медиуми.

„Од одделот за итни случаи дознаваме дека имало авионска несреќа на патнички авион на Истерн Еирлајнс во округот Тенг, кој предизвикал шумски пожар. спасувачките тимови се упатени кон локацијата. Бројот на жртви е непознат“, информираат од ЦЦТВ.

Првите спасувачки тимови се веќе пристигнати на местото на несреќата и се распоредуваат во областа. Од мрежната станица „Веибо“ информираат дека противпожарните служби на градот Вужоу испратиле 23 противпожарни возила и 117 спасувачи.

Патеката на летот снимена од „флајт-радар-24“ на интернет која ги следи летовите на комерцијалните авиони, ја покажува рутата на летот „му-5735“ кој полетува од Куминг за Гуангжу, но наместо на крајната дестинација, завршува во округот Тенг на височина од 3.225 стапки со брзина од 376 јазли во 14 часот и 22 минути по локално време.

Според првичните информации, авионот превезувал 123 патници и 9 членови на екипажот. Причините за падот се непознати. Кинескиот претседател Кси Џинпинг потресен од немилиот настан, повика на сите напори за спасување и за што можно поскоро откривање на причините за несреќата. Се очекува истрагата и црната кутија да ги дадат одговорите.

Авиокомпанијата „Истерн Еирлајнс“ со седиште во Шангај е една од трите водечки авиокомпании во Кина, оперирајќи голем број домашни и меѓународни линии кои опслужуваат 248 дестинации.

Бојана Крстевски