Со владина поддршка македонските компании реализираат нови инвестиции и вработувања
Премиерот Ковачевски по обиколката на производството истакна дека и во услови на криза Владата ги поддржува компаниите кои се охрабрени да инвестираат и да придонесуваат во развојот на севкупната економија.
Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за економија Крешник Бектеши остварија средба со раководството и вработените во производните капацитети на нашиот национален бренд „Витаминка“ од Прилеп со традиција од над 60 години постоење.
Премиерот Ковачевски по обиколката на производството истакна дека и во услови на криза Владата ги поддржува компаниите кои се охрабрени да инвестираат и да придонесуваат во развојот на севкупната економија.
„Оваа реномирана компанија ги користи придобивките на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како и на владината мерка за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост КОВИД периодот. По основа на оваа мерка речиси 400 компании, добија вкупна финансиска поддршка во износ од 17,2 милиони евра. „Витаминка“ е компанија која вложува во нови вработувања, реализира капитални инвестиции, ја зголемува конкурентноста и освојува нови пазари. Токму затоа и ги исполнува условите за користење на средства овозможени со Законот за финансиска поддршка за инвестициите преку кој пак поддршка добија повеќе од 350 компании во земјата. Петгодишниот инвестициски проект на „Витаминка“ треба да се реализира до крајот на годината. Досега се инвестирани 419 милиони денари, а согласно планот, инвестицијата ќе достигне 702 милиони денари.
До овој момент исплатената државна помош изнесува 68 милиони денари. Со Планот за економски раст, кој е во функција токму преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Среднорочната програма за поддршка на микро, мали и средни компании на Фондот за иновации и технолошки развој, само во 2021 година, македонското стопанство е поддржано со 48,5 милиони евра“, изјави Ковачевски и потсети дека беа донесени и имплементирани шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра, за спас на работните места и одржување на ликвидноста на компаниите.
Ковачевски додаде дека поддршката за стопанството и граѓаните продолжува и во период на пост пандемија со пакет мерки во вредност од 400 милиони евра.
