Политика

Помалите партии бараат измени во Изборниот законик

21.03.2022 14:41

Демократскиот сојуз заедно со десетина помали партии инсистира на измени на изборниот законик, а со кои, наместо сегашните шест, би имало само една изборна единица. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ целосно го поддржува овој предлог, додека ДУИ инсистира законот да се донесе со етнички и партиски консензус.

Демократскиот сојуз инсистира да помине нивниот предлог за измени во Изборниот законик со којшто заедно со десетина пратеници од помалите парламентарни партии бараат наместо шест Македонија да биде единствена изборна единици со пропорционален модел и без изборен праг. Велат дека оставаат простор да се дискутира во однос на изборниот цензус.

„Законот може да се донесе и со 61 пратеник, зашто не очекувам да се постигне консензус на сите партии во законодавниот дом“, изјави Павле Трајанов претседател на Демократски сојуз.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ дава целосна поддршка земјава да биде една изборна единица, но се сомневаат дека СДСМ само декларативно ја поддржува оваа идеја. Сметаат дека партиите треба ги надминат тесно партиските интереси и да се водат од државните интереси.

„Во Македонија конечно треба да се демократизира изборниот систем со воведување на отворени изборни листи, една изборна единица и затоа преку јавна дискусија да се дојде со посакуваниот модел на избор на пратеници“, изјави Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Во Демократската унија за интеграција инсистираат законот да се донесе со етнички и партиски консензус со цел да се уважат интересите на сите слоеви во општеството.

„Ние остануваме на ставот дека државата со шест изборни единици најрепрезентативно ги артикулира етничките, социјални и партиските интереси, посочи Арбер Адеми, пратеник на ДУИ.

Законските измени на Изборниот Законик се предложени уште од март лани, но заглавија на пленарната седница, токму поради неможност да се постигне договор меѓу партиите. За изборниот модел сега ќе се дебатира на Комисијата за политички систем, а потоа ќе биде даден и на јавна дискусија.

Игор Панов