Почна караванот за вакцинација против Ковид-19
На плоштади, пазари, во домови на културата. По четири часа дневно во текот на денот, граѓаните од локалните заедници, ќе може да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против Ковид- 19. Караванот тргна од Шуто Оризари...

Карванот за анти- ковид вакцинација кој до 3-ти април ќе помине во 14 општини, денес ја почна својата акција во општина Шуто Оризари. Според дежурниот доктор Снежана Зоксимовска, одзивот на заинтересираните граѓаните е задоволителен.
Во наредните две недели караванот ќе ги посети и Кратово, Радовиш, Струмица, Ново Село, Скопје, Куманово и други населени места. Оваа акција е организирана од страна на Министерството за здравство со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ. Министерот за здравство, Беким Сали ја посети првата од 14-те локални заедници каде што ќе помине караванот за вакцинација против Ковид-19.
„Вакцините се побезбеден начин за развивање имунитет кон Ковид-19, отколку заразување со вирусот и докажано нудат посигурна заштита од природниот имунитет. Исто така, вакцинирањето е многу важно во контекст на олабавување на заштитните превентивни мерки-колку повеќе луѓе се вакцинираат, толку ќе бидеме подобро заштитени како заедница“, изјави министерот Сали.
Четири часа во денот, од 11 до 15 часот на плоштади, пазари, домови на културата во локалните заедници, граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против Ковид-19.
Покрај карванот за вакцинација, граѓаните и понатаму имаат можност секој ден да се вакцинираат во здравствените домови низ државата. Министерството за здравство информира дека располагаат со доволно количини вакцини и нагласува дека тие се безбедни и се најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт.
Марина Стојанова Тонева
