Сè уште нема информации за евентуални преживеани во авионската несреќа во Кина
Авион со 132 патници и членови на екипажот се урнал утрово во планините во јужниот кинески регион Гуангкси, соопштија државните медиуми. Спасувачки тимови се на местото на несреќата. Шест години стариот „Боинг 737-800“ на компанијата „Чајна Истерн Ерлајнс“ летал на линијата од Кунминг до Гванжу…

И по повеќе од седум часа откако беше изгубена комуникацијата со кинескиот Боинг 737-800, кој со 132 патници се урна во планинска област во јужната провинција Гуангкси, сè уште нема информации за евентуални преживеани. За несреќата претходно информираше државниот медиум.
„Од одделот за итни случаи дознаваме дека имало авионска несреќа на патнички авион на Истерн Еирлајнс во округот Тенг, кој предизвикал шумски пожар. Бројот на жртви е непознат“, информираа од ЦЦТВ.
Операцијата за спасување и пребарување на спасувачките тимови, продолжува и во текот на вечерта. Се прибираат остатоци од авионот. На терен се 23 противпожарни возила и 117 спасувачи.
На социјалните мрежи се појавија и снимки кои наводно го покажуваат моментот на падот на авионот.
Патеката на летот снимена од „Флајт-радар-24“ која ги следи летовите на интернет, ја покажува рутата на кобниот лет од Куминг за Гуангжу, но наместо на крајната дестинација, авионот завршува во округот Тенг на височина од 3.225 стапки и брзина од 376 јазли во 14 часот и 22 минути по локално време.
Во Боингот се превезувале 132 патници и 9 членови на екипажот. Причините за падот се непознати. Кинескиот претседател Кси Џинпинг, повика за што можно поскоро откривање на причините за несреќата. Се очекува истрагата и црната кутија да ги дадат одговорите.
Од авиокомпанијата „Чајна Истерн Еирлајнс“ која денес нареди приземјување на сите авиони во флотата од типот 737-800, соопштија дека испратиле службеници на местото на несреќата и дека формирале 9 тима за истрага, помош и отстранување на авиони. „Чајна Истерн Еирлајнс“ е една од трите водечки авиокомпании во земјата што оперира со голем број домашни и меѓународни линии кои опслужуваат 248 дестинации.
Авионските несреќи во Кина се релативно ретки. Последната, се случи во август 2010 кога загинаа речиси 50 луѓе.
Бојана Крстевски
