Свет

Можна нова светска криза со храна

21.03.2022 20:19

По руската инвазија на Украина цените на клучните земјоделски производи од тие земји драстично пораснаа. Експертите предупредуваат на можна нова светска криза со храна која може да погоди милиони луѓе.

Војната во Украина се случува во време кога цените на храната се зголемија на највисоко ниво во последните десет години, бидејќи каналите за снабдување сè уште не закрепнаа од кризата со Ковид-19, а климатските промени имаат зголемено влијание врз жетвата во големите басени за земјоделско производство. Потрошувачката како на кинескиот пазар и пазарите ширум светот продолжува да расте, се вели во извештаите на меѓународните институции ММФ и ФАО.

„Поради војната нашите проценки се дека цените на храната и добиточната храна може да се зголемат за седум до 22 отсто над веќе зголемените цени, а околу 30 отсто од пченицата, пченката и семките од сончоглед или нема да бидат засадени или собрани во Украина во текот на претстојната сезона“, велат од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

За Украина и Русија се предвидува длабока рецесија бидејќи цела Европа е во опасност да биде прекината од снабдувањето со гас. Но, над сè најважниот ресурс од сите е храната.

„Она за што најмногу сме загрижени се непосредните соседи на Русија и Украина, централноазиските републики, Кавказот, Молдавија, бидејќи тие имаат трговски односи и со Русија и со Украина повеќе од остатокот од светот. А втората група земји се оние кои се повеќе зависни од увозот на енергија од Русија, бидејќи таму влијанието врз потрошувачката, но и врз инфлацијата ќе биде поизразено“, нагласи Кристалина Георгиева, извршен директор на ММФ.

Европската унија добива половина од својата пченка од Украина и една третина од своето ѓубриво од Русија, додека Белорусија е уште еден клучен снабдувач на ѓубрива. Но, со затворањето на пристаништата на Црното Море, од увозот засега нема ништо.

„Не се санкциите што водат до сериозни дефекти на светската безбедност на храната, тоа е војната. Бидејќи нема санкции за храна, војната е тоа што го попречува, тоа ќе доведе до ризик од глад“, изјави Жан-Ив Ле Дриан, француски министер за надворешни работи.

Еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчеховски, најави дека на денешната седница ќе биде разгледан планот како да им се помогне на земјоделците да одгледуваат култури на запуштено земјиште за да ги променат правилата за државна помош. Тој, исто така, рече дека нема опасност од недостиг на храна во ЕУ, предупредувајќи дека Европската комисија ќе преземе правни мерки против оние како Унгарија кои го забранија извозот на жито.

Мирјана Василева