Зеленски подготвен да се откаже од членството во НАТО
Од Вашингтон предупредување дека Москва се подготвува да употреби хемиско и биолошко оружје во Украина. Зеленски изрази подготвеност за прекин на огнот, да се откаже и од амбициите за членство во НАТО. Русија се повлече од преговорите за мировен договор со Јапонија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност неговата земја да се откаже од амбицијата за членство во НАТО со цел да се обезбеди прекин на огнот и да се постигне компромис за сите страни.
„Тоа е компромис за сите, за Западот кој не знае што да прави со нас кога се збрува за НАТО, за Украина која сака безбедносни гаранции и за Русија која не сака ширење на НАТО и тврди дека има таков договор со членките на НАТО и со Западот. Крим и Донбас ќе бидат тешки прашања за сите. За да се најде решение, потребно е да се направат вакви чекори, односно безбедносни гаранции и прекин на војната“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Американскиот претседател Џо Бајден тврди дека неговиот руски колега Владимир Путин се подготвува да употреби хемиско и биолошко оружје бидејќи, како што вели, „бил притиснат во ѕид од украинскиот отпор“.
Во меѓувреме, Русија се повлече од преговорите за мировен договор со Јапонија и ги замрзна заедничките економски проекти за Курлиските Острови поради санкциите. Територијалниот спор датира уште од Втората светска војна.
„Поради руската инвазија во Украина, Јапонија ќе дејствува решително во единство со меѓународната заедница за да си ги заштити темелите на меѓународниот поредок“, изјави секретарот на јапонската влада Хироказу Мацуно.
Украина тврди дека во последното деноноќие руските сили го зголемиле своето присуство во нејзиниот воздушен простор. Според генералштабот на украинската армија, руските трупи зазеле и копнен коридор на Крим ѝ го блокирале пристапот кон Азовско Море. Единиците за територијална одбрана добиваат сè повеќе доброволци во своите редови.
„Никој овде претходно не користел оружје, не биле ни во војска, но сите имаат желба и решителност да пружат отпор. Запознав многу различни профили на луѓе, вклучувајќи и уметници. Веројатно нивниот уметнички дух го надвладеал стравот и им дозволил да дојдат. Во моите единици има актери, пејачи, сниматели, луѓе од шоубизнисот“, изјави доброволец во украинската војна Сергеј Волосовец.
Над 8.000 лица се евакуирани од седум хуманитарни коридори. Од почетокот на конфликтот досега загинале над 900 цивили.
В среда продолжува вонредната седница на Генералното собрание на Обединетите Нации.
Маја С. Филдишев
