Македонија

Поради воениот конфликт откажани договорите за откуп на овошје

22.03.2022 11:28

Црешите и јаболката од Охридско-преспанскиот регион заглавени меѓу пазарите на исток и запад. Поради воениот конфликт откажани договорите за откуп на овошјето во Русија и Украина. Овоштарите од Ресен и Дебрца, загрижени бараат помош од државата…

Овоштарите од Ресен и Дебрца загрижени за пласманот на годинешниот род. Поради воениот конфликт затворени се за извоз традиционалните пазари во Русија и Украина.

Се спушти рампата за преспанското јаболко и охридската цреша, кои со години се продаваа на пазарите на Исток. Вообичаено, во овој период од годината, се договара пласманот, а овоштарите се исправени пред голема неизвесност, велат голем дел ќе се откажат од земјоделие.

„Кога станува збор за црешата таа 95% проценти оди на рускиот пазар и еден мал дел на украинскиот пазар. И што е уште попроблематично таа уште сега требаше да има договорен пласман бидејќи не трпи во складишта. Месеци однапред е веќе договорена за откуп“, вели Ванчо Стојаноски, овоштар.

Откажани се договорите со Украина, каде требаше да завршат 20.000 тони јаболка, тие останаа во магацин, калираат и скапуваат. Овоштарите се во безизлезна состојба со години земаат кредити за да ги одржат насадите, а пласманот е несигурен, бараат помош од државата.

„Целиот плод што го произведувавме заминуваше во Русија, каде да се носат сега јаболката, каде, никаде. Рекоа нема да ве оставиме на цедило, не на цедило до гуша не закопаа во кал, во жива песок“, вели Виолета Груевска, производител на јаболка од Избиште.

95 проценти од производството на охридската цреша и преспанското јаболко завршуваше на рускиот пазар. Македонија со извоз на јаболка вреден 29,5 милиони долари во 2020 година, беше 26-ти најголем извозник во светот. Излезот од кризата е во барање на нови пазари во Европската Унија.

Соња Рилковска