Николовски во Белград

Србија ќе ја тргне забраната за извоз на пченица, пченка, брашно и масло за јадење

22.03.2022 11:59

Денеска во Белград, министерот Николовски имаше работен состанок со потрeтседателот на Владата на Република Србија и министер за земјоделство, Бранислав Недимовиќ. На состанокот е договорено во следните седум до десет дена Србија за земјава да ја тргне забраната за извоз на пченица, пченка, брашно, масло за јадење...

Во рамки на „Отворен Балкан“, во Белград министерот Љупчо Николовски со српскиот вицепремиер Бранислав Недимовиќ, постигна договор во следните 7 до 10 дена да се тргне забраната за извоз од Србија во Северна Македонија на пченица, пченка, брашно и масло за јадење и да почне испораката на количините што се договорени меѓу економските партнери на двете држави.

„Тоа значи дека сите договори на нашите економски партнери од сите Стопански комори ќе бидат реализирани, забраната ќе биде тргната, а за договорените количини ќе биде испратено и писмо, уште денес, од премиерот на македонската влада до српската премиерка, со цел да се тргне српската забрана за извоз во следните 7 дена, како што и беше договорено на овој состанок. Тоа значи дека Северна Македонија ќе има доволно количини на овие стратешки култури, се до следната жетва и граѓаните треба да бидат смирени“, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според Николовски, се работи и на алтернативни пазари и владата е максимално посветена да обезбеди доволни количини на пченица, пченка, брашно и масло за јадење за потребите на секое едно домаќинство во Северна Македонија.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ