Зеленски: Време е да ја спречите руската инвазија
Украина очекува интензивирање на руските напади врз клучни цели. Зеленски побара од европските лидери поголеми санкции за Москва. Вашингтон предупреди за можна употреба на хемиско и биолошко оружје.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски од европските политичари побара поголем притисок и санкции за Москва. Во говорот пред италијанскиот парламент дециден – време е да ја спречите руската инвазија.
„Време е да направите сè што можете за да обезбедите мир и да ја спречите војната што Русија ја подготвуваше подолго време. Само една личност го подготвуваше ова 10-20 години. Продаваше нафта и гас и со парите се подготвуваше за војна, и тоа не само против Украина. Крајната цел е Европа. Украина е портата кон Европа, тие сакаат да минат низ неа“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во најновото интервју Зеленски изрази и подготвеност да се откаже од амбицијата за членство во НАТО со цел да се обезбеди прекин на огнот.
„Тоа е компромис за сите, за Западот кој не знае што да прави со нас кога се збрува за НАТО, за Украина која сака безбедносни гаранции и за Русија која не сака ширење на НАТО и тврди дека има таков договор со членките на НАТО и со Западот. Крим и Донбас ќе бидат тешки прашања за сите. За да се најде решение, потребно е да се направат вакви чекори, односно безбедносни гаранции и прекин на војната“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Американскиот претседател Џо Бајден тврди дека неговиот руски колега Владимир Путин се подготвува да употреби хемиско и биолошко оружје бидејќи, како што вели, „бил притиснат до ѕид од украинскиот отпор“.
Во меѓувреме, Русија се повлече од преговорите за мировен договор со Јапонија и ги замрзна заедничките економски проекти за Курлиските Острови поради санкциите. Територијалниот спор датира уште од Втората светска војна.
„Поради руската инвазија во Украина, Јапонија ќе дејствува решително во единство со меѓународната заедница за да си ги заштити темелите на меѓународниот поредок“, изјави секретарот на јапонската влада Хироказу Мацуно.
Украина тврди дека во последното деноноќие руските сили го зголемиле своето присуство во нејзиниот воздушен простор. Според генералштабот на украинската армија, руските трупи зазеле и копнен коридор на Крим и ѝ го блокирале пристапот кон Азовско Море. Единиците за територијална одбрана добиваат сè повеќе доброволци во своите редови.
„Никој овде претходно не користел оружје, не биле ни во војска, но сите имаат желба и решителност да пружат отпор. Запознав многу различни профили на луѓе, вклучувајќи и уметници. Веројатно нивниот уметнички дух го надвладеал стравот и им дозволил да дојдат. Во моите единици има актери, пејачи, сниматели, луѓе од шоубизнисот“, рече Сергеј Волосовец доброволец во украинската војска.
Над 8000 лица се евакуирани од седум хуманитарни коридори. Од почетокот на конфликтот досега загинале над 900 цивили.
В среда продолжува вонредната седница на Генералното собрание на Обединетите Нации.
Маја С. Филдишев
