Коронавирус

Расте бројот на заразени со Ковид-19 во Европа

22.03.2022 14:20

Бројот на новозаразени расте во Австрија, Швајцарија, Франција и Холандија. Забележана е влошена епидемиолошка состојба во Шпанија, а европски земји со највисока инциденца се Германија, Белгија, Исланд и Грција каде во изминатите седум дена бројот на новозаразени повторно надмина 20.000. И Кина се соочува со нов ковид- бран...

Неколку земји што укинаа одредени ковид-мерки, веќе ги враќаат. Бројот на новозаразени расте во Австрија, Швајцарија, Франција и Холандија. Голем дел од здравствените власти не се согласуваа со прераното олеснување на ковид-мерките, иако доминантниот вид Омикрон полесно се пренесува, но не предизвикува тешки симптоми на болеста.

Забележана е влошена епидемиолошка состојба во Шпанија, а европски земји со највисока инциденца се Германија, Белгија, Исланд и Грција каде во изминатите седум дена бројот на новозаразени повторно надмина 20.000, додека вкупниот број активни случаи на територијата се зголеми на 130.000.

Болниците во Германија се соочуваат со недостиг на персонал, поради што болниците повеќе не се во можност да понудат целосна медицинска нега.

Кина затвори град со девет милиони жители

Кина преку ноќ затвори индустриски град со девет милиони жители. Стратегијата „нулта-ковид“ се соочува со бран на варијантата Омикрон.

„Помеѓу 1-ви и 21-ви март имало повеќе од 41.000 заразени случаи пријавени низ целата земја, во 28 провинции. Во градот Џилин и градот Чангчун сè уште постои ризик од пренос надвор од контролираните зони. Генерално во нашата земја, пандемијата е во нагорно движење“, изјави Леи Женглонг, заменик-директор и инспектор на бирото за контрола на болести.

„Се соочуваме со огромен притисок на увезени инфекции. На глобално ниво, сè уште живееме со пандемијата на Ковид-19. Тоа продолжува да биде вонредна состојба за јавното здравје од меѓународен интерес, особено во земјите околу Кина. Бројот на инфекции и случаи се во пораст, притисокот на увезените случаи останува голем“, изјави Лианг Ваниан, експертска група за одговор на епидемијата.

На жителите на градот Шенјанг им е забрането да ги напуштаат домовите без 48-часовен негативен резултат на ковид тест.

Покрај локдаунот, Кина во борбата со вирусот користи и масовно тестирање и затворања на области во градовите. Во текот на викендот во земјата биле евидентирани два смртни случаја за првпат по повеќе од една година.

Марина Ристова