Концерт

Музичко-поетскиот перформанс „Диши љубов“ в петок во Филхармонија

22.03.2022 14:21

В петок, во концертната сала на Филхармонија, музичко-поетскиот и визуелен перформанс насловен „Диши љубов“ ќе ја одржи својата премиера. Концерт зборува за љубовта, за воздухот, за Скопје, за сите нас и за сè она што се случува помеѓу нас како луѓе, за нашето општество…

Музиката има две нивоа, со четири димензии на доживување. Музичкиот дел ќе биде надополнет со волшебниот гудачки ансамбл. За првпат во Македонија концерт на филхармонијата кој ќе биде изведен со слика добиена со претопување на светлосните бранови. За холограмот и за визуелизацијата е задолжен Јохан Мелин од Шведска, филмски режисер и писател. „Диши љубов“ пее за љубовта, за Скопје, зборува за две суштински појави без кои човекот не опстојува – воздухот и љубовта.

„Концертот во основа зборува за љубовта, за воздухот, за Скопје, за сите нас и за се она што се случува помеѓу нас како луѓе, за нашето општество, за социјалниот дефект во светски рамки и ова е обид да ако можеме некако да придонесеме овој свет во којшто живееме, барем за момент да стане малку поубав“, вели музичарот и диригент Џијан Емин.

Концертот ќе биде целосно на македонски јазик, а музиката и лириката ја поседуваат онаа скопска, носталгична звучна естетика со корени од музиката од 80-тите и особено на 90-тите создавана на американското и на британското музичко поднебје.

Александра Спировска