Презентирана дигитална Водна книга за увид во користењето на водните ресурси
Водната книга ќе овозможи граѓаните да откриваат фирми кои незаконски користат или испуштаат во вода или пак ископуваат песок, чакал и камен од реките и езерата. За да имаме чиста вода потребни се активности за рационално користење, вели министерот Нуредини.

Евиденција на издадените дозволи, концесии, согласности од Секторот за води достапни на една дигитална платформа. Водната книга ќе овозможи граѓаните да откриваат фирми кои незаконски користат или испуштаат во вода или пак ископуваат песок, чакал и камен од реките и езерата. За да имаме чиста вода потребни се активности за рационално користење, вели министерот Нуредини.
„Ќе придонесе за транспарентност и учество на јавноста во донесувањето на одлуките во областа на водите и ќе се овозможи сите релативни податоци од водната книга да бидат јавно и лесно достапни за сите засегнати страни. За да имаме сеопфатен преглед на статусот на водите, законот за водите утврдува дека треба да има и систематско следење на површинските и на подземните води. За таа цел министерството ќе го донесе правилникот на методологијата за мониторинг на површинските водни тела“, изјави Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање.
Од академската фела велат дека со правилникот за методологија се пропишува начинот на мониторингот и оценката за еколошкиот и хемискиот статус и на водите, но сè уште не се истражени растителните заедници.
„Да, ние со протоколот имаме утврдено начин на колекционирање и обработка на собраниот материјал, но немаме истражено и растителни заедници пред сè во реките. За да знаеме што е репрезентативна површина треба да имаме дефинирани карактеристични видови коишто се врзани за тие популации. И доколку на некое истражувано место констатираме дека некои од тие видови недостасува или пак се јавува вид којшто не својствен за таа заедница, ние можеме да дефинираме степен на атрофичност“, вели Рената Ќуштеревска, раководителка на Институтот за биологија при ПМФ – Скопје.
Дигиталната водна книга треба да биде база на ресорното министерство за водење одржлива политика за водите за утврдување на потеклото на загадувањето.
„Евиденцијата на водните дозволи и податоците од постојан мониторинг, треба да помогнат да се утврдат притисоците врз водните тела, да се утврди потеклото на загадувањето и да се креираат соодветни управни мерки во однос на квалитетот на водите“, нагласи Дејан Андонов, координатор на кампањата „Разбистри сè“.
Со каталогот на водите се добива и стандардизација на мониторингот, но и слободен пристап до информациите од системот.
Сунчица Николовска
