СДСМ ја објави изборната програма со која ќе ја бара довербата од граѓаните

05.04.2014 14:56

Како што рече претседателот на партијата Зоран Заев, програмата се темели на три столба - „Да ја вратиме средната класа“, „Сакаме слобода“ и „Инвестираме во иднината“...

СДСМ денеска ја презентираше изборната програма за периодот 2014-2018 година „Промени за нов почеток“ чие мото е „Да ја вратиме средната класа“.
 
Како што рече претседателот на партијата Зоран Заев, програмата се темели на три столба - „Да ја вратиме средната класа“, „Сакаме слобода“ и „Инвестираме во иднината“. Новиот, реорганизиран и обединет СДСМ, истакна, има енергија, идеи и тим да ги спроведе промените.
 
„Програмата на СДСМ за подобар и поквалитетен живот е нов лист во пристапот кон решавање на проблемите и ќе донес нов почеток за Македонија. Откако стана јасно дека предвремени парламентарни избори ќе има, оваа програма ја прилагодивме во изборна со која СДСМ ја бара довербата на граѓаните на Република Македонија“, нагласи Заев.
 
Мерките од програмата, информира, произлегоа од разговорите со луѓето од сите краишта на Македонија, а во изготвувањето учествувале над 500 домашни и странски експерти.
 
Радмила Шекеринска, заменик-претседател на СДСМ, потенцира дека ако СДСМ дојде на власт ќе го спроведе пописот на населението и домаќинствата и во првите 100 дена ќе каже колку должи државата. 
 
Дел од промените што ги нуди СДСМ се бесплатен превоз за сите млади невработени лица до 29 години, реформи во предучилишното и средното стручно образование, промени во високото образование, мерки за добри услови за учење, мотивиран кадар, квалитетни програми, поливалентни вакцини за децата, изградба на студентски град во Скопје и реновирање на постојните студенстки домови, поголеми плати за здравствените работници.