Зелена лента на Табановце, транспортерите очекуваат побрз проток
На Табановце веќе функционира зелената лента за регионалната иницијатива „Отворен Балкан“. Екипата на МРТВ го посети овој граничен премин. Транспортерите се надеваат на побрз проток, без задржувања, но и економски развој на регионот. Велат границите го кочат бизнисот.

Побрз проток но и капитал, очекуваат компаниите и транспортерите од регионалната иницијатива „Отворен Балкан“. Од сабота на граничниот премин Табановце, за влез во земјава, стои табла за „Зелена лента“, која е еден од првите проекти на иницијативата, чија цел е намалување на времето на чекање на граничните премини. Тоа ќе се направи преку приоритет во преминувањето и спроведување на царинските постапки со скратени и олеснети физички и документациски контроли.
Транспортерите коишто влегуваа во земјава за МРТВ посочија дека очекуваат побрз проток, без задржувања.
„Не знаеме, ќе видиме. Неопходно е да се побрз протокот, кога ќе почне да функционира ќе видиме“, изјави еден возач.
„Сега засега е исто се, понатаму како ќе биде, како ќе се одвива не знам. Горе во Европа гледаме како се работи, добродојдовте- пријатно и толку, овде кај нас се нешто ново се воведува, а се оди по стариот систем“, додава друг возач.
„Се надевам дека ќе функционира како што треба, веројатно протокот ќе биде подобар. Добро е и сега, но може уште подобро“, вели еден граѓанин на Србија.
„Многу ќе биде добро, ние имаме работно време, не сме кога ќе ни текне, би бил многу побрз протокот“, дополнува друг.
Освен што ќе го забрза протокот на стоки, очекувањата од „Отворен Балкан“, се и дека иницијативата ќе создаде подобри деловни услови и економски развој на регионот.
Вакви обележја треба да се постават и на граничниот премин Ќафасан при влез во државата. Истото потоа ќе го направат и партнерите од Србија и Албанија на позициите при влез од Македонија во тие две држави.
Одобрението за овластен економски оператор кој го издава Царинската управа, ќе биде валидна потврда за земјите кои се дел од иницијативата.
Елена Георгиевска
