Раст на станбените кредити- се продаваат повеќе станови
Субвенционираните станбени кредити од државата дополнително ја поттикнаа продажбата на станови...

Промотивните акции на банкарите донесоа зголемен интерес за станбените кредити. Тоа го покажуваат и податоците на Народна банка според кои од почетокот на годинава само за еден месец се одобриле за 3 милиони евра повеќе кредити за купување станови.
„Каматните стапки на станбените кредити во изминатите две години а и оваа година се намалуваат па дури се поповолни и од некои европски земји, сега станбените кредити се со фикни камати од 5,5% во првите три години, зависно која банка ги нуди и не се проблем за населението“, вели Антонио Аргир, директор во Тутунска банка.
Субвенционираните станбени кредити од државата дополнително ја поттикнаа продажбата на станови.
„Тој проект го раздвижи прометот на недвижности, бенефит имаат производителите на градежни материјали, градежните работници и ние како инвеститори, а и државата затоа што има раздвижен промет“, вели Ванчо Чифлиганец, сопственик на градежна компанија.
И покрај тоа што има огромна понуда на станови, градежниците не стравуваат дека може да дојде до презаситување на пазарот.
Падот на каматните стапки кај станбените кредити ги раздвижи граѓаните. Иако во земјава нема официјална статистика за тоа колку станови се продаваат годишно, според податоците на градежниците и банките, трендот е задоволителен.
Соња Јованова- Наумовска
