Нови пари за рибниците
Во новата програмата за рибарство и годинава ќе се субвенционира производството на риба и инвестициите во порибувањето на езерата и реките. Финансиската поддршка за рибниците во 2022 година ќе биде 37,8 милиони денари.

Аквакултурата претставува одгледување, репродукција и исхрана на риби во рибници, полурибници, кафези, оризишта и други одгледувалишта на риба.
Зголемувањето на производство на риба е тренд во Европа и во светот заради заштита на природните ресурси и отворање на нови работни места.
За оваа година субвенциите од програмата се наменети за инвестиции во аквакултурата, за проширување, реконструкција и модернизација на постоечките и изградба на нови капацитети, како и за објекти за преработка на рибите и за нивно складирање и пакување.
За инвестиции во аквакултурата се предвидени средства во вкупен износ од 7,8 милиони, а за порибителен материјал 30 милиони денари. Вкупната вредност на исплатени финансиски средства за инвестиции во аквакултурата не може да го надмине износот од 3.500.000 денари, независно од вкупната вредност на инвестицијата.
Средствата се исплаќаат по принцип на ко-финансирање на 50 проценти од реализираните инвестиции кои можат да се зголемат до 65 отсто доколку се работи млади земјоделци и стопанства кои се наоѓа во ридско-планинските подрачја.
По склучување на договор со министерството исплатата на парите ќе се врши по завршувањето на активностите.
Методија Трајков
