Русија продолжува со гранатирањата
Руските сили ја уништиле лабораторијата во нуклеарката Чернобил- тврдат украинските власти. Белата куќа предупредува дека пред Украина се тешки денови. Телефонски разговор Путин-Макрон. Не е на повидок договор за прекин на огнот во Украина-пренесува Москва. Од Кремљ и порака- Русија ќе употреби нуклеарно оружје само доколку биде загрозено нејзиното постоење.

Мариупол и натаму под силен оган. Киев тврди дека над 100 илјади цивили се заробени во градот каде што веќе нема ни храна ни вода ни греење. Според украинските власти, уништена е и лабораторијата во Чернобил која преработувала големи количества радиоактивен отпад. Американски експерти, а и Киев сметаат дека борбената моќ на руските трупи во Украина опаднала за 90% пред почетокот на инвазијата.
„Еден од хуманитарните конвои беше запрен од рускиот окупатор во близина на Мануш на договорената рута. Спасувачите и возачите на автобусите се заложници. Правиме сè што можеме за да ги ослободиме и да го одблокираме движењето на хуманитарната помош“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Договорен е прекин на огнот во областа Луганск под контрола на Русија, изјави локалниот гувернер, додавајќи дека се обидува да им помогне на цивилите да избегаат од борбите. Луганск, во близина на источната граница на Украина, е под руска контрола, а Путин го призна како независен неколку дена пред почетокот на конфликтот во Украина.
Руската страна негира дека цели кон цивилни објекти и населението. Но портпаролот на Кремљ Песков не ја исклучи можноста да се употреби и нуклеарно оружје доколку неговата земја се соочи со сериозна закана.
Се интензивираат обидите за дипломатско решение. Францускиот претседател Макрон во телефонски разговор со рускиот колега Путин за прекин на огнот и безбедносните проблеми. Генералното собрание на ОН на вонредна седница. Американскиот претседател Џо Бајден ја почна европската турнеја. Агендата, меѓу другото, вклучува посета на Брисел, разговори за нови санкции кон Москва, и учество на НАТО самит. САД остануваат на ставот дека нема воено да се конфронтираат со Русија, но ветија одбрана на целата територија на Алијансата.
Во Норвешка воени маневри на НАТО.
„Со оглед на актуелните операции во светот, сфаќаме колку е важно да се одржуваат овие вежби, како „Ладна реакција 22“, да се усогласуваат комбинираните операции со сојузниците, да се врши обука за стандардните оперативни процедури и процесите на НАТО“, изјави Кристијан Керинг-потполковник.
Односите меѓу Норвешка и Русија, кои ја делат границата со Арктикот, постепено се подобрија во периодот по Студената војна, пред да доживеат неуспех кога Москва го анектираше Крим во 2014 година. Ова предизвика тензии на северот од двете страни на границата и зголемени воени маневри.
Маја С. Филдишев
